6/17/2014

Предлог за камелеоните

Има луѓе кои треба да разберат дека членувањето во партија не значи само вложување во некакви свои идни придобивки, туку и доста лично жртвување. Точно е, сите ние што одлучивме да останеме надвор од партиите покажавме дека не сакаме да се откажеме од некои лични комодитети. За таков личен комодитет го сметам, на пример, правото на сопствено мислење, кое, често пати, во некаква партија, би било ирелевантно, одбиено, па дури и исвиркано. Исто така, за свој личен комодитет ја сметам и слободата на избор на луѓе со кои се дружам, изборот на време кога ми е станато до политика во однос на она кога не ми е до тоа, или, на пример, правото јавно да изнесувам само ставови во кои лично верувам, наспроти некакви ставови кои не се мои, но партијата одлучила дека ќе бидат заеднички. Чесно е луѓето како мене да не бидат членови на партии, и да останат само гласачи. И тоа тогаш, кога во политичката понуда ќе откријат опција што се поклопува со нивните уверувања, со нивното поимање за убаво општество. Многу пати е понечесно што партиите се преплавени со луѓе, кои членството во партија го идентификуваат како најлесен пат за остварување на лични интереси.

Ваквите луѓе придонесоа партиите да го изгубат својот идеолошки лик, а на голем дел од партиските членства народот да гледа како на груби, лукративни групации. Не ме интересира дали дефектот треба да се бара во партиските статути и непостоењето формални услови за фракционерство, изборните модели или, едноставно, во човечкиот „материјал“. Нека се занимаваат со тоа експертите што, фала богу, ги има на претек. Мојата порака е дека ние ја изгубивме вербата во партиите, како организации основани за да работат во интерес на заедницата. Ние, непартијците, лека-полека на партиите почнавме да гледаме со презир. Ние, еден по еден, ќе се откажуваме од демократската привилегија да одиме на избори и ќе го зголемуваме купот на тнр. неутрални.

Трите избрани пратенички на опозицијата, кои, еве, се изјаснија дека не ги фермаат (има подобар, мрсен збор за ова) партиските одлуки, покажуваат дека не ги фермаат ни своите гласачи. Освен, можда, ако претходно не спровеле анкета меѓу гласачите, па добиле одговор дека треба да влезат во Парламентот, ама во ова баш нешто се сомневам. Овие жени сега може да се протурат од муабети дека ќе биле жестока опозиција во Собранието. Џабе. Најголемиот дел од гласачите се изиграни, бидејќи на изборите тие не ги гласаа овие жени како личности, туку ја заокружуваа опозициската листа. Овие три жени, за многу од гласачите беа дури и непознати или, просто, гласачите ниту не знаеја чии имиња се сместени на опозициската листа.

Овде не сакам да зборувам за тоа дали одлуката на опозицијата за невлегување во Парламентот е исправна или не. Тоа не можам да го проценам бидејќи сум дефицитарна во делот на клучните информации. Но сакам да кажам дека кога гледам дека во партиите има луѓе кои ги „извисуваат“ решенијата на организацијата, веднаш знам дека таквите со уште поголема леснотија ќе го „извисат“ народот. Под „народ“ при тоа, мислам и на себе.

Затоа ќе повторам: овие жени, а.к.а. избрани по грешка пратенички, нека знаат дека 
членство во партија не е само лезет, туку и жртва. Жртва понекогаш и на партиски одлуки кои знаат до џигерче да заболат. Ама тоа е. Затоа не треба секој да биде во партија. А ако овие три „матрони“ (во случајов)  не се согласуваат со одлуката за бојкот на Парламентот, нека излезат од партиите и нека се кандидираат како независни на дополнителните избори. Баш да видам колку гласачи ќе имаат на своја страна. Еве, тоа нека биде тест за нивната чесност и искрените намери за индивидуално, со сиот капацитет, спротивставување на власта.