12/01/2012

Девојчето со кибритчињата

Сакам да ги слушам резултатите од анкетите со кои ја испитуваат „среќата на нациите“. Ги сфаќам како проверки на степенот до кој луѓето во различни земји успеваат да ги реализираат своите потреби. Баш онака како што за задоволувањето на потребите зборува Абрахам Маслов. Тој вели дека на патот до тнр. самоактуализација (себеизразување, самоостварување), поединецот треба барем претежно успешно да ги мине фазите, во кои најпрвин се фокусирал на своите базични барања, а потоа и на останатите, се’ посложени човечки пориви.

Една од суштинските логики на современата држава е, на еден организиран, цврсто дефиниран и паметен начин, на своите луѓе да им обезбедува, и постојано да надградува, амбиент во кој тие ќе можат слободно да го одат тој пат до самоактуализацијата. Да ги задоволат најнапред тие свои основни потреби - за храна, дом, сигурност, здравје, работа, семејство, а потоа и потребите што имаат покомплексна, духовна природа, какви што се градењето кариера, личниот социјален и културен развој, себепрезентацијата, себепотврдувањето. Здравите социјални и демократски држави ги препознаваме по умешноста со која градат интерни системи засновани на потребите на поединецот. Тоа се системи чија цел е општествена инклузија на единката, нејзино вклучување во општествените движења, текови и процеси на донесување одлуки. Тие разумни држави се темелат на респектот кон способностите и можностите на индивидуите, и создаваат  простор за реализација на индивидуалните аспирации. 
Според Маслов, таквиот поединец, кој со своите човечки капацитети успева да се пробива кон врвот на пирамидата на потребите, истовремено се стекнува со самодоверба и самопочит. Таквата индивидуа може на најдобар начин да ја аплицира својата креативност. „Среќни нации“ се, всушност, оние кои на своите поединци не само што не им го попречуваат патот до среќата, туку ги фацилитираат нивните индивидуални стремежи.  

Може да се направи и паралела, поврзување, на тезата на Маслов со универзалната идеја за човечките права и слободи. Бидејќи човечките права се во непосредна, природна врска со потребите на луѓето. Правата на поединецот не се ништо друго освен права тој да може на што понепопречен и послободен начин да ја црпи и емитира својата создавачка енергија. Социјално и правно успешни држави се оние кои тежнеат да обезбедат опкружување, во кое правата на поединецот се неприкосновени.

Просечниот македонски поединец ја има изгубено самодовербата. Тој се’ повеќе се повлекува во тивкиот свет на сопственото незадоволство, го одбегнува асоцирањето со другите, и живурка во темнината на длабокото себепреиспитување. Борбата за голо преживување не му остава простор за духовна надградба. Неговиот ментален просперитет е оневозможен од силната општествена репресија. Тој се срами од себе си и се затвора во коридорите на себенепочитувањето. Тој често е бесен на околината и се’ повеќе се дистанцира од неа. Извртениот вредносен систем што владее во општеството на кое физички му припаѓа, ја урива неговата мотивација за поголем интелектуален напор. Системот околу него забрзано транзитира кон натамошна деградација на неговите права, слободи и достоинство. Единката станува жртва на сопствената емоционална пригмеченост, која секогаш завршува со болна и трајна фрустрација. Фрустрираниот поединец, по правило, е маргиналец. За жал, грото од нашата општествена рамка денес ја чинат несреќни маргинализирани луѓе.
Денес, најголемиот дел од Македонците  живеат како девојчето со кибритчињата. Уморни од исцрпувачката битка со моќта, суровоста и дискриминацијата на сите нивоа, тие се подвиткуваат по соочувањето со сопствениот пораз. Замрзнати во светот исполнет со глад, неправда и држава која гасне, тие скришно ѕиркаат низ некои туѓи, накитени прозорци, зад кои се гледаат контури на среќа. Среќа на некои други луѓе што живеат во земји што ќе ги биде, во кои утре секако ќе биде подобро, во кои нивното право да се биде човек никој не го гази.

На новите генерации им изгледаат прилично необично тагата и сетата на нивните родители по старата држава. Тие се чудат како може да се негуваат топли чувства кон еден систем, кој денес е проскрибиран како сурово-комунистички, тоталитарен и ограничувачки од аспект на местото и третманот на поединецот. Како може да се прикажуваат бајки за некое монопартиско, „кодошко“ и „удбашко“ време? На оваа тема веќе пишував и претходно, а сега, многу симплифицирано, ќе ја ставам во контекст на учењето на Маслов. Имено, дека топлите мисли за таа стара држава доаѓаат од сеќавањата за една земја, во која барем се наѕираше напор, макар непроследен со многу знаење и визија, да се создаде систем на правда, во кој потребите на луѓето, онака, по Маслов, ќе може да се задоволат до ниво достојно за човечкото битие. Вистина, ние сите сакавме многу, многу повеќе. Но нашиот сон за демократија, благосостојба и конечна лична самоактуализација се распрсна како кревко стакленце во илјадници парчиња. Останавме сите, ние и нашите деца, зад дебелите стакла што ја штитат туѓата среќа, загледани тажно во туѓото, токму како девојчето со кибритчињата.       

No comments:

Post a Comment