2/18/2013

Денови на збунетост

Народот не може да биде во доволна мера проактивен ако не располага со коректни информации за суштината на општествените проблеми. Затоа, неколку важни, а неодговорени прашања, се причина за нашата збунетост во овие долги денови на исчекување и мачнина. Сите ние, кои своите ставови ги градиме само врз основа на видливото во просторот на јавната сцена, во моментов се губиме во празнина, не можејќи да одгатнеме што крие опачината на сликата што ни’ се презентира преку гласот на спорадичната алтернатива на власта, од која очекуваме логични и промислени одговори. Но, кај таа алтернатива владее дисонантност. Човек никогаш не може да биде сигурен кој и колку работите ги претставува реално, а колку тие видувања трпат од субјективниот однос или субјективниот товар што го носат на своите плеќи аналитичарите надвор од владеачките кругови.

Небулозно, но вистинито, најтранспарентна во овие мигови е власта. Таа не крие дека единствена работа и’ е да ја оствари мисијата за целосно уништување на СДСМ (и останатата опозиција) - ветување што го даде уште пред некоја година, заедно со наредбата/указот што тогаш писмено го издаде до своето членство. Во таа своја деструктивна преокупација, власта демонстрира извонредна конзистентност, координација и упорност. Годините на поткуп (што ситен, што крупен) на бројни категории граѓани, енормно го зголемија капацитетот за агитација и пропаганда на ДПМНЕ, така што песната за крајот на Бранко, распадот на СДСМ и конечната трансформација на Македонија денес ја пеат стотици илјади грла. Кај тие луѓе не постои никаква дилема за наредните чекори. Ќе биде следен водачот во неговиот поход за крваво сечење на главите на Црвенковски и неговото одвратно опкружување. Во фантастично дизајниран малограѓански манир, мисијата дополнително се набилда со „харизмите’ на идолите од естрадата и спортот, чие невкусно масовно вклучување во битката е со цел да ја победи и колебливоста на неутралните, незаинтересираните или младите со сеуште неоформена идеологија. Воспитната школа, низ која задолжително минува целата оваа армија, функционира без грешки. Сите нејзини припадници зборуваат со ист речник, нивните ножеви еднакво сечат и на телевизиите, и на социјалните мрежи, по целата државна администрација, кафаните, ноќните клубови и улицата. Тој дисциплиниран хор без отстапувања од нотите ја пее едната те иста песна, дури и во отсуство на диригентот.          

Но затоа, во флуидниот простор на другата страна остануваат да лебдат некои неодговорени прашања. Нам, изолираните од политичките кујни и од привилегијата за информираност што ја уживаат само дворските кругови, тоа ни создава непријатно чувство на немоќ и несигурност. Во недостиг на инпути за градење на поиздржана логичка рамка, се губиме во нагаѓањата за можните сценарија што следат и за исходот од веќе предолгата општествена драма. Оттаму неаргументираните расправии по социјалните медиуми, исцрпувачките караници по кафулињата, па дури и несогласувањата во кругот на семејствата. Реков, главна причина за тоа се неодговорените прашања, или уште попрецизно, големите спротивности меѓу одговорите што доаѓаат од различни кругови на опозициски расположените поединци.

Првото и главно прашање е дали опозицијата греши што не оди на локалните избори. Понесени од своите инстинкти и беглото разбирање на правилата на политичките игри, во првите моменти реагиравме емотивно, но очекувавме дека компетентните во областа на политичката теорија и пракса ќе ни’ помогнат  да го изградиме својот конечен став. Но се случи по ова прашање критичарите на власта да се поделат и изјаснат во два сосема спротивни правци. Едните тврдат дека одлуката за бојкот е убиствена за опозицијата, додека другите се залагаат за истрајност во одлуката за невлегување во изборниот процес. Признавам дека контемплациите и на едните и на другите делуваат многу издржано, но во етерот, над сите нив, виси меур од недостиг на информации. Натаму, и едните и другите велат дека настапуваат водени само од сопствената логика, но ние сме склони кај секој од нив да бараме друга заднина за искажаните ставови. Во таа заднина ги наоѓаме нивните поранешни врски или судбини поврзани со партиите од опозицијата; нивните лоши искуства со ДПМНЕ; некои незадоволени апетити од минатото, па и судски процеси што се водат против дел од овие аналитичари. За некои од нив веднаш помислуваме дека одработуваат за некого и под нечиј притисок, за други сметаме дека, едноставно, се одмаздуваат. Како и да е, за нас прашањето останува отворено.

Второто прашање е дали за својата екстремна одлука, опозицијата има обезбедено некаква надворешна поддршка. Имено, во овие дваесет години навикнавме крупните одлуки за земјата да се носат под патронажа или со директно замешателство на меѓународниот фактор. А имајќи го предвид политичкото искуство на Црвенковски, никој од нас не типува на негови суицидални потези, особено во вака комплицирана ситуација. Црвенковски многу добро знае дека играта со оган што ја предводи деновиве, лесно може да заврши со негово прегорување ако направи крупна грешка во чекори. Сепак, и покрај тоа што опозицијата јавно не доби никаков позитивен сигнал од Европјаните или Американците, никој од нас не е до крај подготвен да верува дека Бранко би играл на несигурна карта со странците. Значи, прашањето, во малку преобратена форма, е дали на странците воопшто им е важна демократијата во Македонија и дали во нивната перцепција Црвенковски и натаму е значаен за некоја од наредните етапи на земјата.

Третото прашање е дали Стевче Јакимовски повлече сопствен или изнуден потез. Овој човек, инаку познат по своите мудри политички калкулации долж долгата кариера во политиката, и покрај тоа што постигна да биде привлечен за гласачкото тело, никогаш не изби на врвот на партиите кон кои беше афилиран. Во недостиг на информации, можеме да се приклониме кон опцијата која вели дека Јакимовски одбрал да не ја пропушти својата, можда последна политичка шанса за останување на силна функција во главниот град, макар и за сметка на раскинувањето на љубовта и губењето на можностите што му ги подари Црвенковски. Можеме, исто така, да веруваме дека тој, не за прв пат во кариерата, му свртел грб на своето партиско раководство. Но, исто така, можеме да веруваме и во гласините дека одлуката ја донел под притисок на полициските служби на власта, прифаќајќи ја со тоа улогата на Тројански коњ во партијата што пред неколку години му отвори големи перспективи. Во недостиг на информации, не треба со леснотија да се обвинува овој политички волк, ниту пак безрезервно да се верува во неговите зборови за пожртвуваност и добронамерност кон граѓаните на Карпош.            

Последното прашање е каков е, реално, планот на меѓународната заедница во врска со Македонија, и какви се очекувањата од Груевски во рамките на тој план. Зад оваа, најмрачна загатка, пред која свесно замолчуваат и најупатените познавачи на дипломатијата, се крие клучот, или поточно формулата за иднината на земјата. Ние не знаеме какви се вистинските релации на премиерот на меѓународен план, не знаеме точно чија агенда ќе доживее реализација, и тоа очигледно во скоро време, ниту знаеме која технологија ќе биде употребена за постигнување на целите на таа агенда. Ние, граѓаните без информации, само го имаме злослутното чувство дека нешто не е во ред. Бидејќи Европа и Америка за прв пат поддржуваат недемократски режим во Македонија, затвораат очи пред насилството на власта врз парламентарците и врз гласот на медиумите, не реагираат со загриженост на компонирањето на новата историја, не инсистираат на смирување на разбеснетите политички страсти во земјата, не се резолутни во сопирањето на дрската манифестација на големоалбанските претензии, итн. Свесни за својата минорност во глобалната приказна за интересите на моќта, остануваме со горчливото чувство за лоша завршница.

Нешто ми вели дека во овие мигови намерно се одржува овој информативен мрак за граѓаните на земјава, но уверена сум дека набргу ќе ги добиеме одговорите на прашањата за кои зборувам. Сепак, ме гуши очекувањето дека е многу доцна за некаква посветла иднина за Македонија. Можда многу, многу скоро настаните што следат ќе покажат дека зацврстувањето на позицијата на Груевски преку еднопартиски локални избори, тивкото гаснење на опозицијата, на која за мегдан и’ останува само улицата (и тоа по нејзин сопствен избор), како и улогата на некој Стевче или Милетиќ во целата сторија, биле само добро режирана претстава од страна на режисери кои на крај ќе го сркаат кремот. Тажното во сето тоа е што стапот што ќе мавне овој пат по народот, ќе боли повеќе од било кога.         

2/04/2013

Од каде доаѓа реата?

Постојниот неефикасен и брутален систем на владеење во Македонија се одржува толку упорно благодарение на младите генерации. Тоа е популацијата родена по средината на осумдесеттите години од минатиот век, генерација која во своето помнење го има само периодот по независноста на земјата и транзицијата кон новиот облик на општествено-политичко и економско уредување. На таа генерација, претходниот систем и’ е претставен како утка во секоја смисла на зборот. Утка од аспект на демократијата, утка како економски модел и утка како пристап кон државотворноста и суверенитетот на земјата. Цели две децении по осамостојувањето, беше сметано за целосен ерес ако за времето на Македонија во Југославија се изустеше било каков понежен збор. Првите етикети за предавништво беа, впрочем, лепени токму на темата на југословенството. Кон тоа беа придодавани и етикетите за неспособно комуњарство ако некој се дрзнеше да спомне дека во социјализмот се живеело подобро. Оваа млада генерација израсна воспитувана под влијание на ваквите етикети. Никола Груевски тоа одлично го укапирал и главниот дел од лукративната трговија за добробит на својата прекомотна фотеља ја води со овој популациски сегмент. Својата убиствена, антинародна доктрина феноменално ја практикува врз јунците на транзицијата. Тој широко ги отвори вратите на партијата за послушниците на диктатурата, им обезбеди лагодни државни работни места, здушно ја наградува послушноста на младите, и несопирливо ја ампутира младешката слободна мисла. Младите научија неуморно и групно да му аплаудираат на водачот. Научија дека обожавањето на пастирот значи влезница во зоната на подобриот живот. Научија дека сите што не пеат по партитурите на партијата го заслужуваат дното, пендрекот, пеколот.

Мора да се признае дека за добар дел од 
анимозитетите натрупани кај овие млади луѓе постои реална основа. Тоа се синови и ќерки на изгубената транзициска генерација родители. Тие родители се луѓето кои во овие дваесет години изгубија безмалку се’ поврзано со пристојниот живот: прво работните места, а со тоа и можноста за барем скромен граѓански живот, сигурноста на било какви приходи, здравственото осигурување, можноста за натпревар на пазарот на труд и правото на пензија. Во главите на нивните деца беше утувено дека вината за сите зла лежи во социјализмот и во комуњарските влади од деведесеттите. А за доказ за таквите тврдења не требаше да се гледа многу широко. Секое семејство го почувствува виорот на приватизацијата и умирањето на најголемите македонски фирми, незаконското создавање на одвратната капиталистичка елита и беспримерното паѓање на цената на трудот. Младите луѓе научија дека треба да се погази се’ што потсеќа на тоа минато. Тие безрезервно се вклучија во новата ментална стихија, која успешно одглуми расчистување со старите неправди. Младите не ја доловија погубноста на новиот „поредок“, на ламјата на „преродбата“, се впуштија во опасната авантура на рушење на се’, а со тоа и на државата. За да се ограничи критичката мисла, се изврши деградација на образовниот систем, се осуети секој обид за слободна интерпретација на стварноста и се инхибираа шансите за развој на демократскиот профил на младата генерација. Денешните „успешни“ млади Македонци се армијата апологети на диктатурата, заедно со подмладокот на безочната ајдучка олигархија. Тоа миље, таа критична маса, ќе биде носител на иднината на Македонија.

Ниедно од тие деца не знае дека проблемите на оваа земја не лежат доминантно во претходниот систем. Тие не знаат дека во зададените, ригидни амбиентални оквири на тој социјализам, Македонија направи многу, навистина многу. Дека од една длабоко провинцијална, супер бедна и необразувана земја, таа за само 45 години стана индустриска економија. Дека создаде добро едуцирана работна сила, во која предничеа одлични инженери, лекари и квалификуван технички персонал. Дека државата разви компетентна државна администрација, дека се почитуваше уставниот и правен поредок, дека полицијата беше народна, дека во образованието наставникот беше личност со респект. Дека се изгради македонскиот литературен јазик, дека Македонија културно се прероди, дека урбанизацијата, и покрај скромните средства, се одвиваше според принципите усвоени во модерниот свет. Да, системот не беше парламентарен и демократски во посакуваната форма, но беше ваден максимумот од можното. Токму за да се оствари сонот за целосно достигање на благодетите на демократскиот развој, се влезе во изградба на новиот систем, оној во кој поединецот требаше да го вклучи својот потенцијал, да го аплицира за свое и за добро на целата земја.

Но тоа не се случи. Државата, наместо средина во која ќе дојде до експлозија на енергијата за создавање, се претвори во извор на моќ што овозможува непречено и неказнето грабање, крадење, угнетување и уништување. Граѓанинот стана неважен. Од него се бара да биде вазал на бескрупулозната моќ на владетелот или, во спротивно, да умре од глад. Всушност, категорија „граѓанин“ не постои. Постојат само гласачи и партијци на едната страна, и безвредна раја, аморфна маса на другата страна. Младите на власта, а ги има илјади и илјади, не го гледаат тоа. Тие се заблудени од волшепството на диригентската палка на диктатурата, па во својот поход кон имањето и поседувањето го изгубија невиниот лик на младешката убавина. Тие се војска на разорувањето. Како секој добар војник, младиот човек денес не треба да мисли; тој само извршува. Што подобар во извршувањето, толку понаграден и поттурнат кон врвот. Што подобро аплаудира, толку повеќе бенефиции. Што помалку зборува, толку поделикатни позиции добива. Колку повеќе ги мрази другите, толку повеќе опстојува на врвот.

Овие млади не знаат дека општество втемелено на делба, прогон и омраза е осудено на пропаѓање. Тие не знаат дека ние веќе сме во граѓанска војна. Дека не е војна само ако пушки и тенкови ечат наоколу, туку дека семето на омразата разорува повеќе од куршумите. Дека во тој трул социјализам, кој ги изгради улиците што Коце денес само ги преасфалтира, се коваше систем против омразата и делбите, само за да опстане Македонија.

Најважното што овие млади не го знаат е дека држава не може да прават недоветни, безмилосни, со омраза и презир обременети луѓе. Правењето држава е проклето тешка, креативна и преодговорна работа. Ако на државата гледаш како на цицка-доилка, таа не трае долго. Млекото пресушува ако не му даваш храна. Храна на млекото за државата се љубовта, работата, создавањето, почитта, конкуренцијата и слободата. Овие млади на власта ниту имаат љубов, ниту работата ја сфаќаат како глагол, ниту имаат порив за создавање, ниту негуваат почит кон другиот, ниту знаат што е слобода. Не само што не знаат за слободата; тие од неа се откажале уште пред да ги осознаат нејзините топли ходници. Не само што се откажале од неа, туку ја сметаат за грев што треба најсурово да се казни, каде и да бликне, каде и да затрепери.

Овие млади на власта треба да знаат дека не е социјализмот тој што го посеа семето на злото по Македонија. Злото го посејаа алчни и неписмени, грабливи и агресивни, фрустрирани и недоучени луѓе. Социјализмот, ваков-таков, беше воспоставил барем некакви брани против тие зла. Кога паднаа столбовите на тој систем, во масовното „ослободување“, се ослободи и семето на злото, па сега ќе го најдеме по долините на реките, по полињата и планините, по кривудавите улички на провинцијата и по трошните штали во селата. Семето на злото се продуцира во барокната престолнина, се распрашува низ каналите на валканата пропагандна машинерија, а се обновува постојано по темните дупки на диктатурата и тиранијата. Младите не знаат дека мирисот што се шири на сите страни не е мирис на успешна држава што ги победила црнилата на социјализмот, туку дека тоа е реа на злото што ќе ја уништи таа држава. Реа од болните мисли на луѓе, а не реа од некој одамна заборавен систем.