5/30/2012

Каде е мојата земја?

Никогаш во животов не сум се чувствувала толку оттуѓено. Како да живеам во непозната земја, како илегален мигрант шверцуван во целосно непозната култура, турнат во логор за бегалци врз кој е надвиснат облак со реа на устоеност. Како странец меѓу луѓе кои говорат јазик толку многу далечен, што никако не можам да го совладам. Што и да направам - ме дочекуваат со нож; што и да предложам - се става под микроскоп и се одбива; што и да прокоментирам - ме сврстуваат во неподобните. Среќавам стари познаници, и на секој мој обид да прозборам за еклатантните облици на распаѓањето околу мене - ме квалификуваат како пречувствителна, слепа или будала. Ми го вртат грбот и си заминуваат, како да се уплашени дека не’ снимаат однекаде, дека само затоа што ги слушнале моите иронични мисли - грубо ќе настрадаат. Како да стравуваат од мене како од анатемисан дисидент. Дури ни со скришна мимика не покажуваат дека барем малку мислат исто. И дека ме разбираат. Си одат и никогаш не се враќаат.

Луѓето со кои порано пиев кафе ги гледам интегрирани во некои нови друштва, за кои прв пат слушам. Еднаш поминував покрај Тренд и ме викнаа да седнам малку, колку да ми ги дознаат котите на движење во последниве година-две. Беа со нивните нови пријатели, наместени во првиот ред, со отмени пијалоци пред себе. Седнав и ги заслушав тие чудни муабети, во кои за црното се тврдеше дека е бело, а за утките дека се триумф. Спомнуваа ангажмани во проекти, за чие спроведување знам дека се недоветни, и за планови за работа со фирми, регистрирани во дејности за кои тие немаат знаење. Се расправаа за разликите во услугите што ги нудат најлуксузните хотели на Халкидики, и за перформансите на новите модели на БМВ. Лесно расфрлање со суми, кочоперење со имот и мафтање со моќ. Луѓето со кои порано пиев кафе и со кои го споделував истиот светоназор, сега се дел од некој далечен свет, во кој јас претставувам изрод. Тие 
послушно им климаат со глава на своите нови пријатели, им нудат верност, гласови и пропаганда, а очекуваат и добиваат добар бакшиш. Користат нов сленг, кој разоткрива малограѓанска свест, а споделена елитистичка аспирација. Каде сте, мои стари кафански пријатели? Кога ја натнавте оваа нова облека и заличивте на феудални кнезови? Станав со време, пред грчењето на мускулите на лицето да ме издаде дека се гушам.

Се прашав тогаш дали тоа што ме гуши е презир, лутина или бес. Одејќи тромо под крошните на јапонските цреши по улицата Максим Горки, ја почувствував повторно таа оттуѓеност, тоа неприпаѓање, тој притисок од новите норми, правила и урнеци. Во излогот на една од продавниците го видов својот одраз. Тоа беше силуета од чија контура се насетуваше згрбавена душа и потиснат грч. Еден ореол од зовриеност како да ја беше урамил таа непозната силуета, која некогаш беше обликувана од светол ум и борбен порив.
 

Друг пат, бев отишла на една конференција во Палас, која беше промовирана под бомбастичен наслов и со ветувачки исход. На говорницата се изредија дузина типуси со функции, титули и звања, а јас едвај препознав двајца од нив. За грандиозни зафати што ќе имаат влијание врз нашето утре, зборуваа доктори на науки чии дистератции наликуваат на годишни извештаи или програми на некое периферно министерство. За алокацијата на државните ресурси, рецитираа функционери помлади од мојата (многу млада) ќерка. За надоаѓачките реформи, надмено презентираа некои изнајмени експерти, непознати во стручната фела, но поддржани од забегани странци седнати во првиот ред. Аплауз по секоја сесија. Аплауз за експериментот што се најавува, а ќе го изведуваат опасно еуфорични деца. Лицемерни честитки до презентерите, небалансирано упикување на функционерите, неодмерена поддршка за плановите оковани со неизвесност. Пак 
станав со време, пред грчењето на мускулите на лицето да ме издаде дека се гушам.

Во својата тивка осаменост, го барам градот што го нема, и улиците на моите изгубени илузии. Во тишината на осамата, се трудам да го најдам мирисот на мојата земја, во која се родив, растев, созреав, плачев на нејзината химна, и ја љубев како што дете љуби мајка. Никако да го пронајдам. Дури и сеќавањето за тој мирис како да бледнеел со секој нов ден, па не сум забележала дека конечно исчезнал. Ме напушти мојата земја и ме остави да битисувам во сенките на оттуѓеноста, во вртлогот на болката што го мешаат некои нови, залудени лица.                 



                

5/26/2012

Владата без бели коси

Цехот од тоа што нашите министри се деца, го плаќаме многу скапо. Во иднина, сето ова ќе го плаќаме уште поскапо. Во проклето тешки времиња за Македонија, Груевски едноподруго формира влади што личат на партиски студентски подмладоци, за кои тој цени дека доволно научиле за политиката и управувањето со државата низ обуките и семинарите на Конрад Аденауер Штифтунг. Во изминативе шест години, премиерот го создаде калапот за обликување на македонскиот министер, таа најважна државна работа што по белиот свет ја извршуваат луѓе со озбилни биографии и терет од години, искушенија и одлуки. Наспроти тоа, нашиот министер е дете. Тој е на возраст под 30 години; првото вработување му било некое партиско директорско место во јавно претпријатие или во фантомска фирма на партијата, каде осознал како, отприлика,  изгледа работна средина. Во своето си-ви има десетина присуства на конференции или слични зафрканции организирани од „сестрински“ десничарски организации; физички не личи на шефот, ама со имитирање на неговата гестикулација, јазик и тоналитет на говорот брзо му станува сличен; од очите му блика сјај на обожавање на премиерот; кога говори во јавност, министерот како да одговара на испитни прашања што добро ги набубал пред испит; вештината да изгледа посветено на работата ја има перфектно совладано; по правило, не работи на креирање на подолгорочни политики за својот ресор, туку само остварува проекти од партиската програма. Македонскиот министер најчесто се жени во текот на својот мандат и прави свадба во некој од хотелите на екс-комуњарските олигарси. Од презафатеност, нема време за свадбено патување.

Толку за имиџот на типичниот македонски министер. Никаков печат, никаков посебен придонес за ресорот. 
Во изминативе години, немавме прилика да слушнеме излагање на министер што ќе остане забележано заради силината на неговата политичка стратегија, компетентноста за вршење на функцијата или креативноста на решенијата во динамичниот економски, политички и социјален амбиент. Поради тоа, останува впечатокот за македонскиот министер како за оперативен директор на неговото министерство. И слепиот гледа дека тој работи на команда ентер, издадена од Главниот штаб. Колку пореспонзивен на ентер командата, толку понаградуван од Неговото Височество.

Со таквиот однос, македонскиот министер е аболициониран од одговорноста за најголемиот дел од своите погубни постапки. Народот знае дека одлуките за потезите на македонскиот министер ги носи некој друг, па детето-министер се доживува како невино. А тој другиот - тој е Бог и не греши. Така, под плаштот на таа детска невиност, неказнети остануваат пропаста на здравството, образованието и науката, деградацијата во културата, урбанизмот и транспортот, системската девијантност на полицијата и крахот на дипломатијата. Послушните деца верно ги следат наредбите на својот авторитарен водач и немаат право ослободената мисла да им ги отвори зацементираните хоризонти кон напредокот. Младешката слобода ја жртвуваат за пофалби од главниот центар. По диктат на строгиот татко, послушно го ставаат својот сеуште неразработен потпис на документи, за кои немаат поим какви последици ќе изродат за нашата иднина.

Што оти оние две деца - лепушкастиот Бујар Османи и харизматичниот Никола Тодоров, им се бендисуваат на младите девојки? Па тие двајца појма немаат што оставија зад себе во здравствениот систем. Да беа постари, барем ќе беа минале низ некоја од болестите што, нормално, ги носат годините, некој ишијас или гастритис на пример, па ќе разбереа за што зборуваме вака отстрана, без никој да не’ рецне. Или, што сторија со образованието, кое, ионака, беше кинисало удолу, а сега не може ни да се нарече со тоа име? Го доурнаа, зашто целото нивно разбирање за образовниот систем го темелеа единствено врз сопственото студентско искуство, стекнато по факултетските ходници и училници. Што да кажам за министерката за внатрешни работи? Со кој ли памет се нафати за управување со ресорот, место за кое косата мора да биде барем малку прошарана со бело? Понекогаш се прашувам, овие деца имаат ли мајки да им речат чекај, сине, знаеш ли, воопшто, во што се впушташ?

Ама, не. Сите тие заедно, децата, мајките и татковците, на целата приказна гледаат како на игра. Игра во која лежи животната шанса за лечење на некои стари, само ним познати фрустрации, и за потиснување на некои болни паметења од минатото. Ама сето тоа за сметка на некои други што тие исконски ги мразат, а за кои веруваат дека ќе бидат единствените што ќе ја платат цената. Како да им објасниме дека штетата нема да ја осетат само нашите деца, туку и нивните, колку и да ги нафатирале уште од мали? Како да им објасниме дека богатиот не е среќен ако живее меѓу сиромашни, особено меѓу такви што тој самиот ги осиромашил? Како да им објасниме дека таквата среќа е горчлива, често отровна и гадна?

Го гледам Марио Монти, тој ѓаволски искусен и учен човек, како со својот „побелен“ кабинет се труди да спречи Италија (заболена од беслаците на Берлускони) да се претвори во нова Грција. Ги гледам и кабинетите на Германија, Велика Британија, Франција... ма и владите по Америките, Азија и секаде, како, во голем дел побелени, се борат со предизвиците на новиот светски поредок и траумите од кризата. Ги гледам и се прашувам, толку ли за себе мислиме дека сме неважни, инфериорни и глупи, па земјава ја даваме на деца. Како водењето на земјата да е компјутерска игра, во која старите тешко се снаоѓаат зашто не знаат компјутери или англиски јазик. Не знам.     



                                  

5/18/2012

Неолибералната верзија на балканскиот културен профил

Пред некои десетина години за прв пат присуствував на качување на кафеанска маса насред свадба. Една разголена и не особено атрактивна девојка, наеднаш се најде на маса, ги заби штиклите во белиот чаршав на кој останатите јадеа, и, во ритам на некоја, за мене нова музика, почна да изведува провокативни танци. Делиричното аплаудирање на алкохолизираното друштво и охрабрувачките дофрлања на воодушевените момци ја стимулираа „танчерката“ на се’ попредизвикувачки кршења и мешања, а кога мелодијата заврши, таа дофати една од чашите и во транс ја тресна од мермерниот под, како манифестација на кулминативен занес. Потоа таа скокна на подот, а сите наоколу почнаа да ја гушкаат и бакнуваат, наградувајќи ја за перформансот. Скандирањето долго не престана, и таа стана ѕвезда на вечерта. За да не останат покуси, по масите почнаа да се пентарат и други девојки, па свадбата се претвори во програма типична за ноќен клуб. Не знаев дека тоа не е инцидент, туку нормална шема на свадбите, ама и на забавите на младите, која настапува во моментите кога журкањето се наближува до климаксот. Сепак, најмногу ме зачуди што целата публика во еден глас ги пееше текстовите на тие нови песни, и што сите беа еднакво обземени од набојот на камионџиската „поетика“. Тогаш сфатив дека еуфоријата има многу врска со содржината на песните, во кои некогашниот севдах беше заменет со нескриен повик на општа оргија. 

Тоа беше едно од моите први подиректни соочувања со новата (суб)култура која, очигледно, беше фатила замав. Нешто подоцна, кога кабелската телевизија ми овозможи да видам што се случува на полето на ентертеинментот по балканскиве земји, не само што ги препознав креаторите на таа култура, туку и поразено сфатив дека таа веќе го зазела скоро целиот балкански медиумски простор. Една нова, хармонски сиромашна музика, еден нов блештав и дречлив дрес код, една нова навика за нагласена шминка на девојките по дваесет и четири часа на ден, еден малограѓански новобалкански говор, и една нова атмосфера на ефтин паланечки бордел. Со преземање на некои елементи од американската поп сцена, и со нивно трансформирање во корелација со балканскиот вкус, се создаде културна рамка чиј феномен го анализираат социолози и психолози од сите страни.


Во времето за кое зборував, повеќето од нашите телевизии сеуште одржуваа извесна дистанца од тој еклатантен шунд, но постепено, успешниот спој на добро планирани комерцијални алатки на телевизиите и ниско ниво на граѓанска култура на публиката завршија со победа на невкусот. Телевизијата, која за мнозинството претставува единствен извор на информации и допир со културата, но и со вкупниот општествен живот, немилосрдно ги преврте критериумите поврзани со етиката, естетиката и елементарните животни вредности, но и со демократијата, правото и правдата. Чинот на качување на маса стана симбол на слободата, рушењето на табуата, модерноста и независноста. Пинкизацијата, таа комбинација на дречливост, долна конверзација, невкусна и парадна стилска униформираност, пренагласена и вулгарна сексуалност, прерасна во модел на однесување на голем дел од младата, но и на, сега веќе средовечната популација. Тие го интернализираа пинкот во сопствената културна матрица, па продолжија да го шират насекаде преку воспитувањето на сопствените деца, однесувањето во своите работни средини и во своите социјални контакти, инсталирајќи со тоа валкан биртиски кодекс во секој дел од животот. Таа популација бројно преовладува и со нејзината беспоштедна агресивност го потисна и понижи она што некогаш се сметаше за вкусно или нормално. Таа удира со своите боксерски ракавици, ама ракавиците се розови и болката се чини помала.


Таа пинкизирана (јас би рекла - на балкански начин барбикизирана масовна култура, како илузија за совршенството и благосостојбата), изврши влијание врз стандардите во уметноста, архитектурата, голем дел од печатот, маркетингот, корпоративните комуникации и меѓучовечките односи. Носителите на власта се благонаклони кон тој избор, и тоа не е чудно. Бидејќи ова е општество, во кое вредносните системи се сублимат на политички неморал, неказнета корупција, апсолутен непотизам, лесно стекнати милиони, хипокризија, безидентитетност, разнишано образование, партизирано судство, несанкциониран организиран криминал, поткупена државна контрола, мизерно платена работна сила, екстремна сиромаштија и ниско ниво на социјална динамика. 
Преку телевизиите, тој содомизиран патерн ни’ се презентира како формула за успех, а спонзорството како модел за обезбедување лагоден живот. Значењето на основните лостови на развојот, како науката, технологијата и филозофијата на здравиот разум, се маргинализира. За властите, пинкизацијата е начин преку кој на народот му се ставаат розеви очила за бедата и сивилото да добијат друга, повесела боја.   

Во таквите општества на криза на моралот, граѓанскиот активизам за поинаква општествена свест претставува светла точка. Но, секој обид за искрен граѓански активизам се казнува од сите страни. Од „горе“, од бок и од долу му се лепат етикети на комуњарство, „соросоидизам“, западно платеништво и предавништво. Така, 
тој „пинк“ на нашето секојдневие си го зацврстува правото на граѓанство од прв ред, и ја добива битката со обидите за разоткривање на неговите корени и на профитната суштина на неговата уривачка енергија. Денес, скромноста се квалификува како недостиг на амбиција, имањето скрупули и гордост се третира неспособност, а воздржаноста и срамежливоста како губитништво. Така дојдовме до она што може да се дефинира како неолиберална верзија на балканскиот културен профил.           

5/13/2012

Балкански умор

Не е дефетизам, но понекогаш се прашувам дали не е некакво проклетство да се родиш на Балканов. Се свртам ли малку или повеќе наназад во минатото, погледот секогаш ми достига до времиња во кои овој простор, по правило, ја означувал таа флуидна граница меѓу западот и ориентот, меѓу „цивилизацијата“ и „егзотиката“. Колку и да се менувале епохите на различни доминации во поблиското опкружување, атрибутот на граничност на Балканот опстојувал. Границата отсекогаш била растеглива, во смисла на тоа до каде точно се простира Балканот, но таа растегливост никогаш не надминала повеќе од неколку стотини километри. А се чини дека токму тие неколку стотини километри, до ден-денес се пресудни за секоја од државите на ова парче простор. За некои, таа дистанца значеше спас; за спасот, ние останатите сеуште сонуваме.

Балкан. Расцепкан на мали државички, секоја раскарана со соседната; со Византија длабоко вкопана во ткивото, со османлиски печат во видливиот, ама и во малку затскриениот културолошки профил; со измешаност на религии инертни кон модерното, ние, Балканот, сме жртви на двојна осуда. Прва е сопствената осуда. Таа е резултат на нашиот длабок примитивизам, отпорен на промените. Втората е осудата што доаѓа од западот. Таа има корен во европската перцепција за нашата преголема различност од нив. Таа перцепција што зајакна во последниве децении, малки по малку од предрасуда премина во стереотип.

Сите „теории“ за балканската судбина сеуште се во игра и секоја од нив има определена валидност. Теоријата за неспоивоста на католицизмот и протестантството со православието и исламот, односно за антагонизмот меѓу работливоста и јавашлукот, и меѓу одговорноста и забушантството; теоријата за блискоста на голем дел од Балканот со Русија наспроти историската раздвоеност од западот; теоријата за јужњачкиот левантински менталитет и неговата некомпатибилност со европскиот организиран прототип; теоријата за стратешките интереси на Америка на Балканот; теориите за патот на нафтата и излезот на Средоземјето; теориите за Грција како милениче на светските господари и нејзината супериорност во однос на Турција; теориите за потребата од држење на Балканот во состојба на „буре барут“ за Европа постојано да биде на штрек, теориите за џихадот/светата војна и нејзиниот продор во Европа, и ред други... Во секоја од овие „теории“ наоѓаме по некоја неспорна логика зашто историјата, онаа далечната но и поновата, открива штедра понуда на докази. А нели е баш тоа  проклетството? Тоа дека за  тнр. судбина на Балканот може да се 
да се набројат толку многу причини, да се исплетат толку многу теории,  што геополитички, што културолошки, што бихевиорални? Па кој може да ги изменаџира сите тие заврелени вирови без, при тоа, да се изгори? Оттаму ли, според нашите мерила, недоволната заинтересираност на западот и определбата да одржува извесна дистанца од нас.

Кога бевме Југославија,  тој превез од балканска болка 
на некој начин беше релативизиран заради добрата позиционираност на земјата во однос на двата блока. Новата фаза на балканизација почна во осумдесеттите, кога истокот се распукна под пресија на мртвата економија, а во Југославија замириса барутот. За светот, тогаш повторно станавме Балкан. Но сите бевме под тој чадор, па утеха ни’ беше што во тој бунар никој од нас не е сам. Кога ние, југословенскиот Балкан, се разделивме, дел од нас за миг поверуваа дека патот до Европа ќе биде кус. Но, со време, од Балкан станавме Западен Балкан, некогаш големото балканско друштво почна да се стеснува и во загреаната кошница останавме само мал број. Сега, теориите за балканската судбина се однесуваат само на нас, а нивниот број не престанува да расте. Кога ќе погледнеме со кого останавме во котелот, сакале-нејќеле не’ фаќа меланхолија. Онаква, каква што е меланхолијата после целодневно пиење во зачадена кафеана, кога на фајронт ќе сфатиме дека на масата сме останале само два-тројца, претепани од интоксикацијата.

Во таквата беда, во таа интоксицираност и умор, наместо да добиевме водство што ќе трага по излезот од реата на валканата крчма, ние добивме аздисана тајфа со сосема други планови и цели. Тајфата неуморно и се’ повеќе го згуснува чадот во крчмата, до концентрација кога вратата веќе не се ни гледа.



П.С. Посветено на сите барокни огради на нашите мостови, од кои отмено, како вистински (додуша несреќни) Парижани, ќе можеме еден по еден да се фрламе во Вардар.            
   
           

5/12/2012

Една фина телевизиска емисија

Нека ми прости оној симпатичнион Саше Политико, ама за телевизиски настан на неделава што изминува ја сметам емисијата „Пулс“ на Ана Јовковска, во која нејзина гостинка беше една од нашите водечки телевизиски новинарки, Оливера Трајковска. Втор гостин во емисијата беше професорот Љубомир Цуцулоски, паметен, смирен и умерен човек кој на емисијата и’ додаде посебна вредност, но во текстов сакам да се позанимавам само со женскиот дел од приказната.

Кога Ана се појави на ТВ екраните пред некоја година, веднаш си помислив: еве ја нашата нова Оливера. Зашто, иако со жанровски различен пристап и фокус, овие две жени ми имаат некаква стилска блискост. Авторскиот жар и инсистирањето на нов вид контемплација (својствен за младоста) кај Ана ме потсеќаат на сличните трагања по сопствен телевизиски израз што ги одбележија почетоците на Оливера. На телевизиската сцена, секоја во своето време, тие внесоа еден посебен рафинман, кој е плод на фина комбинација на женственост, необичност, цивилизираност, пристојност кон соговорниците и префинет јазик. Со допуштена доза на меко кокетирање, тие на својата појава и’ придодаваат и извесен пријатен сексипил. Секоја од нив ја надополнува сликата за себе и преку сосема автентичен и соодветен аутфит. Оливера, со нејзината извонредна смисла за елеганција, стилска ускладеност и одмерена екстраваганција, го потенцира сериозниот карактер на нејзините телевизиски проекти. Ана, пак, оживувајќи ни’ ги сеќавањата за силината на интелектуалните трендови од шеесеттите и седумдесеттите години на минатиот век, одбира занимлив ретро, по малку хипи изглед, сличен на оној на американските интелектуалки од филмовите на Вуди Ален. 


Емисијата ги порази чаршиските озборувања за надменоста и суетата на Оливера, и за претенциозноста на Ана. Тој интензивен и длабоко интимен контакт што го воспоставија двете жени, пред се’ како резултат на зрелата одлука на Оливера, ги извади на виделина респектот на помладата домаќинка и суптилната природа на гостинката. Зрелоста на Оливера и’ дозволи без предрасуди да се презентира себе си како сензибилна и ранлива душа, наспроти долгогодишната увереност на аудиториумот дека се работи за ладна и пресметана личност. Но тоа нејзино отворање пред публиката не ја загрози нејзината вредност како личност, туку, напротив, придонесе за откривање на нејзината деликатна емоционална димензија, нешто што му дава посебно значење на местото што го држи во рамките на јавниот простор.


Некои мои пријатели реагираат на комплексноста и, понекогаш, на недоволната јасност на прашањата на Ана. Други се критични кон предолгите интро прашања на Оливера, и на нејзината наводна егоцентричност во емисиите, за сметка на просторот што им го остава на гостите. Признавам дека во неколку наврати и самата имам изустено слични коментари. Но, се работи за две интелигентни жени, кои, бездруго, свесно не интервенираат во тој свој приод. На крајот на краиштата, телевизиските емисии се производи што можеме и не мораме да ги купуваме. Емисиите на Ана и Оливера јас, секако, и натаму ќе ги гледам. Заради автентичноста, културното ниво, и шармот на нивните авторки.
            

5/08/2012

Пис устата на Тричковски во контекст на нашата стварност

Денес веќе не издржав. Бес ме обзеде кога здогледав како поставуваат нови четири коњи, овој пат златни, донесени од господ знае каде во Паркот на жената борец. Сите коњи се со дигнати предни нозе, па се гледа дека овој пат е поработено на гениталиите повеќе отколку во случајот на главниот коњ, оној јавнат од Воинот. Коњите се испрчени токму зад нашине кутри асномци, кои онака сиво-црни, делуваат многу победно. Сите заедно - коњите и асномците - главно се свртени кон куќата на законот, нашето плурално собрание. Таму, пред Собраниети, има уште еден гооолем коњ. Оној на Карев. Зад него градат купола, можда и таа ќе биде златна. Или од витраж. Или од кристал. Не знам. Коњот на Карев, гледам, веќе е љубоморен на неговата златна конкуренција. Кога и да е, сите пет вранци ќе се стрчаат едни кон други, прекутрупа по булеварот, и ќе се забрефтаат пред да се пресметаат. Асномците и Карев ќе гледаат во чудото и, скаменети, нема да можат да сторат ништо.

Значи, стварно побеснав. Не, тоа не беше само бес. Тоа беше и јад, и болка, и згрозеност, и желба да викам колку што ме држи гласот. И да бегам, да фатам уџум, некаде каде што ни сеќавањето на оваа трагедија нема да ме прогонува. А по кого да викам? Има ли некој што слуша во оваа земја? Има ли некој што ќе стане да го сопре ова садистичко плукање по нашата интелигенција? Има ли некој што навистина го боли душа од овој бесрамен терор? Или баш им е гајле на сите? Па овие луѓе околу мене имаат ли гордост? Па каде се, бе, да излезат илјадници на број и да побараат стопирање на ова бескрупулозно дивеење со туѓи пари? Па дури и оние баби и дедовци на кои им го узурпираа просторот на кој им проодуваа внуците, и нив ли, барем малку, мува не ги лази? Или можда се среќни што отсега натаму ќе кулираат опкружени со злато, во очекување на рубини и дијаманти наредени по барјаците и ножевите на некои непознати борци од нашата славна светска историја што ќе следат по златниве коњи?
 

Е, моја опозицијо! Сите опозиции на светов покажаа чувство за борба, дури и околу далеку побенигни ствари. Кај нив властите барем не им го масакрираат идентитетот и не им чепкаат по генетската структура. Тебе, опозицијо, и оваа количина лудило не ти е доволна за да се отрезниш и станеш на нозе. Срамота! Ако, нека ти редат коњи на сите страни. Абе не коњи, крокодили и камили нека редат, зашто Воинот и Сахара и Нил ги покорил. Зар не гледаш, млитавице една, дека си играат дрндупка со тебе додека твоине се тумручат по телевизиите повторувајќи едни исти мизерни муабети од кои веќе ни’ се превртува во стомакот? Ти редат коњи за да ти покажат дека не им можеш ништо. И не им можеш. Прашај се веќе еднаш зошто. Јас не сум тука за да те учам.
Читам по социјалниве мрежи - има луѓе на кои им се гнаси од речникот на Бранко Тричковски. Бил вулгарен. Го претерал. Ма немој! Е јас мислам сосема поинаку: кој не ги препознава своите мисли, емоции и човечки реакции во зборовите на Тричковски, и кој не се идентификува со неговиот отпор кон оваа излудена стварност што ни’ ја кројат без парче почит, за мене тој е еднакво виновен за работите што допрва ќе ни’ се случуваат. Ако е вулгарно тоа што го зборува Тричковски, тогаш како да го наречеме ова што со години ни’ го прави оваа власт?

Во принцип, не бендисувам пис усти. Ама, за тие што не знаат, да кажам дека вулгарниот говор, освен ако не е резултат на примитивизам и недоученост, претставува само вербална реакција на голема фрустрација. Значи, кога веќе не се може.                        

5/06/2012

Ветувањата на францускиот левичар

Велат дека шансите на кандидатот на социјалистите, Франсоа Оланд, да ги добие претседателските избори во Франција што ќе завршат денес, се прилично големи. Петте години на Никола Саркози беа обележани со неговиот растечки националистички ракурс, и отворениот силен проамериканизам што, инаку, никогаш не бил својствен за француските политичари од највисок ранг. Никола Саркози, и покрај тоа што не ја претставува крајната десница, сепак одигра како експонент на крупниот капитал и следбеник на вредностите на најбруталната економска глобализација. На меѓународен план, тој со време ја фати страната на светскиот газда, придобивајќи ја поддршката на Американците најмногу приклонувајќи се кон милитаристичката политика во однос на Блискиот Исток. За својот евентуален втор мандат уште најавува и поригорозни националистички мерки, со кои најмногу им се заканува на мигрантите и малцинствата. Без никаква обланда, тој ги дели луѓето на Французи и нефранцузи и ветува крај на отвореноста на Франција кон дојденците. Ја има и поддршката на германската канцеларка, можеби клучната личност кога се во прашање одлуките за иднината на Европската Унија. Доминантно десничарската Европа, обременета со проблемите на рецесијата, спасувањето на еврото, растечката невработеност и товарот од милионите белосветски доселеници, веројатно посакува Саркози да остане на чело на Франција и покрај неговиот чуден профил на политичар и, често пати, бизарен и кловновски настап.
 

Во оваа ера на десните, Оланд го презеде ризикот и настапи со дијаметрално различна програма, која се потпира на чисто левичарски лостови. Сепак, за разлика од револуционерните антикапиталистички настапи на радикалната левица  на Жан-Лик Мелоншон, која во првиот круг на изборите освои високи 11 проценти од гласовите, Оланд се држи до курсот на умерен лев центар и најавува некаква хуманизација на државната политика и односите во земјата. Тој зборува за план од 20 милијарди евра инвестиции на државата преку кои би се создале 150.000 работни места во проекти, и други 60.000 во образованието. Наведува дека ќе ги зголеми даноците на приходите на богатите на 75 проценти, и дека ќе им ги укине фискалните повластици што тие ги уживаа во изминатата деценија. Ветува 
достоинствен третман на странците и нивна недискриминација и интегрирање; намалување на примањата на претседателот и пратениците, а и снижување на старосната граница за пензионирање. Доколку Оланд победи, граѓаните кои во Франција живеат подолго од пет години ќе добијат право на глас на локалните избори, а геј двојките ќе стекнат право да стапуваат во брак и да посвојуваат деца. Тој презентираше модел за поттикнување на вработувањето на младите и поддршка на малите и средни компании. Во областа на економијата, тој најавува балансирање на буџетот до 2017 година, а како бисер, Оланд соопшти дека ќе бара ревизија на европскиот договор за фискална дисциплина којшто со судни маки беше изгласан пред два месеци. Со ова, тој ја жртвува можната поддршка од повеќето од неговите европски колеги-политичари, но вели дека нема да отстапи од таквиот план.

Сепак, најголемиот ризик во кампањата Оланд го презеде во моментот кога во еден од драматичните говори пред нацијата емотивно соопшти дека за свој најголем непријател во текот на претседателскиот мандат ќе го смета светот на финансиите. Со жар на вистински социјалист, тој ја опиша моќта на финансискиот сектор како империјална, појаснувајќи дека тоа е така бидејќи критериумите на овој сектор се инсталирани во сите пори на општеството, вклучувајќи и во моралот на општествената контрола. Потенцирајќи ја вината/одговорноста на банките за финансиската и економската криза, Оланд најави долга и тешка борба против шпекулативните операции на банките, пред се’ преку донесување на нов закон за банки. Тој навести дека ќе воведе забрани и рестрикции во сферата на деривативните инструменти, и воведување на високи даноци на финансиските трансакции.

На овој начин, Оланд не само што гласно го изговори она што народот одамна сакаше да го слушне од својот претседател, туку и се обврза на исклучително тешка и, веројатно, неизвесна битка со банкарите во случај да го добие мандатот. Звучејќи како демонстрантите од „Окупирај го Вол Стрит“, Оланд се презентираше како левичар кој ќе ги застапува барањата за социјална правда и како борец против владеењето на корпорациите, особено оние финансиските. Ги сврте против себе капиталот и финансиската олигархија и одигра на се’ или ништо.

Колку и да се пренапумпани политичките говори на кандидатите во текот на изборните кампањи, има работи од кои тие потоа, ако ја добијат власта, едноставно не смеат да бегаат. Ваквото експонирање на Оланд за отпор против неолибералните и
империјални текови го гледаме како срж и главна потпора на неговата економско-социјална платформа, така што тој еден ден нема да смее да ги дезавуира своите ветувања. Тој со ова влегува во кафезот на волците и ќе биде многу интересно да се види дали во тој кафез ќе почнат да му се придружуваат соборци и од каде. Без потценување на важноста на курсот на останатите европски земји, за Европа е сепак клучна насоката за која идната година ќе гласаат Германците. Во секој случај, сакам да верувам дека Оланд ќе опстои во намерата и ќе биде првиот лидер на една голема европска земја, кој ќе го поведе орото на социјални промени на континентот. Да бидам искрена, не сум оптимист дека концептот на социјална праведност може лесно да се реинсталира, но сеуште се надевам дека моментот е погоден за мобилизирање на јадрата чија политичка активност е фундирана токму на ваква идеологија, и дека тие ќе имаат доволно енергија за влез во компликуван дуел со финансиската моќ. Како што во периодот на студената војна „стравот го чуваше лозјето“ и придонесуваше за некаква рамнотежа на глобално рамниште, така и сега, како антипод на неолибералниот модел, ни’ треба силна противтежа која ќе не’ заштити од натамошниот пораст на невработеноста, беспоштедното продлабочување на социјалното раслојување, се’ подлабокото осиромашување и од современото ропство. Посакувам Оланд да ја добие шансата за соочување со ваквото искушение. Но и да ја искористи, а не да потклекне пред лобирањето и жестоките притисоци што секако ќе пристигаат од страната на  капиталот, пазарот, Г-20, или од глобалните финансиски институции.