7/16/2012

Летна игра

Беше лето осумдесет и некоја, врело, сушно и долго. Работев во фирма типична за нашиот социјализам: голема, со илјадници вработени, распоредени по десеттици одделенија, служби и сектори, сместени на различни локации низ градот. Мојот дел се наоѓаше на неколку стотини метри од строгиот центар, на самиот брег на реката. Секоја година, почнувајќи од 15-ти април па се’ до 15-ти септември, се применуваше летно работно време, од 6 до 2. Годишен одмор добивавме според план што се правеше уште во февруари, а правило беше постарите да имаат предност во изборот на термините. Ние бевме петмина приправници и, како што е редот, ни’ доделија одмор кон крајот на август, откако вруќините, како помлади, ќе ги поминеме на работа.

Фирмата имаше голем двор, озеленет и, на места, скромно прошаран со жбунести рози, и со петунии во виолетова и бела боја. За дворот, со нескриен ќеиф, се грижеше еден Мите од Општата служба, кој живееше во Сингелиќ и по малку се разбираше во градинарски работи. Во едно скришно ќоше од дворот, тој беше засадил неколку корени пиперки и патлиџани, колку да провери дали земјата ќе раѓа. Со к’смет на мераклија, родот од година во година му растеше, а од зрелите набрекнати плодови чуварите правеа салата за појадок во магацинот кај споредниот влез во фирмата. 


Во тоа време без климатизери, со трикови се обидувавме да ја изиграме жештината. Имавме голем, стар и бучен источногермански вентилатор, пред кој поставувавме длабока чинија полна со мраз што великодушно ни’ го даваше сладоледџијата од комшилукот. Се строевме еден по еден пред вентилаторот, чекајќи на ред да се разладиме од пеколот. Секој имаше на располагање по една минута, толку требаше за мразот целосно да се стопи. До ден-денес го помнам пријатното студенило што ќе ме заплискаше во таа една минута, и враќањето во прегреаната канцеларија потоа, во која списите ми се лепеа за прстите.

Генералниот директор беше угледен и скромен скопски стопанственик, исклучително почитуван, строг, длабоко навлезен во своите педесетти години. Тој пеколен јулски ден, разбравме дека ќе биде отсутен. Ах, таа радост кога генералниот го нема! Одиш на кафе во Правна служба без страв, или земаш пропусница за до Стоковна куќа, без грижа на совест дека можда ќе те побара. Тој ден, некаде околу 13 часот - веќе не се дишеше - се собравме петмината и отидовме кај Мите. Му го собравме цревото од зад вратата, го намонтиравме на чешмата во задниот дел од дворот, се соблековме боси и ја почнавме играта со водата. Се прскавме низ смеа, трчавме како зашеметени од крај до крај на дворот борејќи се за цревото, маичките и фустаните ни’ станаа жива вода, а косите ни’ се растурија. Уживавме во свежината на студениот млаз и шлапкавме радосно, како деца, во барата што постојано се зголемуваше. Во еден момент, кога водата повторно ми се слеваше по лицето, а јас се вртев во кругови од уживање, го видов Даниел како стои вкочанет пред мене, како да видел сениште. Застанав. На неколку чекори од него стоеше генералниот, намуртен, со стуткани веѓи, и со цигарата стегната меѓу усните, токму како во неговите најлути мигови. Ме застрела со погледот, а јас мислев дека ќе се срушам. Некој потрча да го затне цревото. Тогаш директорот згрме: „Не! Оставете го цревото!“. Отиде полека до магацинот и го снема во темнината. Стоевме во тишина, чекајќи ја казната. По неколку минути, тој се појави на вратата, облечен во темнокафени бермуди, бос, со белата кошула и вратоврска на него, зашлапка во водата, го зеде цревото и ни’ се придружи во играта. “Што мислите вие? Па јас секое попладне овде се разладувам, деца!“ И додаде: „Се разбира, ова да не се повтори!“.

Тогаш се сетив дека неговата канцеларија секогаш свети до доцна навечер. Понекогаш си мислев дека чуварите намерно ја оставаат да свети преку ноќ. Сфатив дека тој овде навистина е постојано. Занемени тргнавме назад, се засушивме на сонцето и се вративме на работа, како ништо да не се случило.                                 
  

No comments:

Post a Comment