7/08/2012

Баш ми е гајле

На овие језиви температури,  наоѓам резон зошто летово ќе се потенцира африканскиот карактер на нашава држава. Значи, пеколов толку ги отапува сетилата, а го засилува само нагонот за голо, биолошко одржување, што оние на Илинденска не-знам-си-кој број можат да си прават журка каква сакаат. Иди нека ме натера некој да се помрднам од ладовина за да се побунам против новите задолжувања на владата. Или да станам да се занимавам со причините за стрмоглавото паѓање на економијата. Не дај боже да треба да се фатам за анализа на трошењата за коњите, златото, куполите и мостовите. Нема шанси. Не ми оди ни таблица на множење од еден до сто, а камоли малку посложена аритметика.

Да не зборувам за, веќе здодевните, работи. На пример, баш ми е гајле што, без консензус, го донесоа Законот за лустрација. Ич не се потресувам што фанфарите на гебелсовиот оркестар ечат 24/7 против злото на непринципиелната коалиција меѓу Бранко и Љупчо (е, не го пишувам со „б“, бе!). Не ме допира што оној Чашуле се вртка по телевизиите за да ни’ каже кој бил кој во ДПМНЕ, и зошто книгата напишана од Војводата нема никаква вредност. Ме заболе што татко му на Милошоски купил селско школо, а синов пишуе претставки против некој локален нафташ, ама се потпишал како претседател на некаква си парламентарна комисија за надворешна политика. Јака ствар. А, да, и дека и’ ги простил многуте илјади евра на Јадранка Костова што таа требала да му ги искешира зашто поднапишала нешто околу неговите семејни бизниси.

Не, бе, ич не ми е гајле што разни министри се шетаат по регионов и си цртаат карти на некои нови држави, во кои Македонците ќе бидат само ништожно малцинство. Абе, не се занимавам со дубарите за гасификацијата со Русиве, и со веселата провизиска математика на нашиве што Стевче Јакимовски а-пла ни’ ја разјасни. Ич не се засекирав што Народна банка ќе се селела на плоштад, во нова, 40 метри висока зграда, за која Коце, како веќе искусен геометар, тврди дека нема да го расипе погледот што од Собрание, преку триумфалната, се протега до коњот и шарената фонтана. Баш да не се тревожам што ДПМНЕ должи три милиони евра изборни пари на разни адреси, а Државната ревизија во тоа не гледа криминал и корупција.

Што ме засега што пуштиле шпиунско клипче на Интернет, во кое се слуша како Латас (пред многу години) му дава отчет на прочуениот Маноли за тоа дека Груевски бил незнамсикаков и дека, поради тоа, Мирка ќе го заплескала во Фокус. Баш ми е евентуално што ја затворија А2 и што почнале на големо да следат и-мејл комуникации и муабети на социјални мрежи. Нејќам да се замарам со прикаските за бизнисот на Урко во (наводно) опаѓање, за сметка на (наводно) нагорните бизниси на фамилијата во истата, племенито-силеџиска стопанска гранка. Не ме занима што сме најбедна земја во Европа и што првите комшии немаат за леб, ама имаме најмногу џипови, поршеа и мерцедеси по глава на жител. Ме боли што ќе го шитнат и Елем, и што струја нема да уклучувам ни за сијалица од сто вати.

Ќе си седам во темница, во аголот на дневната соба, така сама, во тишина, без телевизор, без компјутер, без твитер, без контакт со светот. Ќе си бидам раат што не сум надвор, на 40 и кусур, како некои други несреќни луѓе од некои далечни, од сонце испечени земји. И нема да знам дека, всушност, и ние и тие, живееме толку слично. Што ми е гајле. И што ќе ми е светло? За да гледам? За да мислам? За да знам? За да се бунам? За да се нервирам? Не, не, премногу е жешко.                                   

No comments:

Post a Comment