4/03/2012

Еден ден во декември

Денот кога остана без работа беше спроти Нова Година. Тоа се оние денови кога канцеларијата мириса на празник. Не во буквална смисла, се разбира. Тоа не е толку мирис, колку што е една нота на блага мрзеливост, едно тивко очекување, еуфорична и меланхолична опуштеност во исто време, надеж дека тој нареден ден ќе донесе некаква интимна возбуда, толку посакувана и потребна. Тоа се оние денови кога паузата за појадок од половина час се продолжува на час и повеќе, и кога на секое отворање на влезната врата во холот се слуша шушкање на полиетиленски кеси полни со подароци купени на божемните распродажби во трговскиот центар.

Таа не им се придружи на колегите на предпразничното кафе во блиската кафетерија. Мораше да го испразни бирото и да го исчисти компјутерот од непотребните фајлови. Годините работа на бројни извештаи, презентации, акциски планови и анализи требаше уредно да се складира во еден фолдер, за кој доби задача да биде именуван со нејзиното име. За чудо, сите тие документи, во кои претходно ја беше вградувала својата креативност, амбиција и искуство, одеднаш ги доживуваше како гола архива. Наместо имиња, на сите им направи rename и ги прекрсти во години и датуми за да му обезбеди на раководството јасна хронологија и лесно пребарување. Притоа, не ги отвораше фајловите. За секој од нив, по насловот, знаеше точно што содржи, кога е создаден и со кој нареден документ треба да го поврзе. Ги смести сите документи во подфолдери следејќи ја логиката што произлегува од посебните елементи на описот на нејзиното работно место. На крај, погледна за последен пат во екранот и беше задоволна од естетиката што ја постигна со организацијата на целата архива, и одбра наредба Turn off Computer. Крај. Погледна на часовникот и пресмета дека целата операција и’ одзела час и половина. Час и половина за да се затвори една страница од животот. За неа толку важна. Страница што ќе остане недопишана зашто многу замисли останаа нереализирани. Нејзината визија за иднината не доби соодветен простор во планот за развој на организацијата.

Од секој агол на канцеларијата надоаѓаше тивок, но весел жагор од разговорите на колегите. Во конференциската сала имаше колачи, токму покрај елката што веќе цел месец светкаше како симбол на веселоста и успехот. Имаше уште два часа до крајот на работното време, но таа одлучи да замине веднаш. Го спушти клучот од влезната врата на рецепцијата, и се обиде со насмевка да им ги честита празниците на колегите. Некои дојдоа да ја изгушкаат; некои само и’ мавнаа од далеку. Бојан дојде да ја испрати до лифтот. „Ќе се видиме, те чекаме на кафе“, извикуваа колешките. „Се разбира“, одговори таа, знаејќи однапред дека тоа никогаш нема да се случи.

Не беше тоа сцена од американските филмови. Таа во рацете не понесе картонска кутија со личните предмети. Остави се’. Сите лични предмети ги беше носела на работа за да се вклопат токму во таа атмосфера. Дури и сликите што ги беше закачила на ѕидовите во канцеларијата ги беше изработила за да одговараат на тој амбиент. И ситните декоративни предмети што ги беше распоредила по рафтовите. Се’ остави зад себе.

Надвор беше студено, врнежливо и тмурно. Типичен скопски декември. Таа излезе од зградата без картонска кутија со неважни предмети, но со вреќа тага поголема од сивите облаци над плоштадот. Една солза што не можеше никако да ја исконтролира и’ се затркала по образот. Се втурна во мешаницата по улиците и се упати кон дома.       
                          

No comments:

Post a Comment