3/11/2015

НИКАКО ДА СФАТАМ

Не постои, веројатно, нешто што во последниве години останало некажано за суровоста на овој режим. Варијации има само околу времето кога почна гласно да се говори за тоа, односно околу тајмингот кога симптомите на патолошко владеење почнаа да бидат препознавани од страна на повеќе и различни општествени групации. За повеќето мои пријатели, колеги и познаници, сигналите станаа видливи дури во 2008 година, како резултат на пост-букурешката шизоидна реакција на Груевски и промоцијата на кобниот проект „Скопје 2014“. Без претенциозна нескромност, ќе нагласам дека патологијата на надоаѓачката власт јас ја идентификував далеку порано, уште во предизборието на онаа пресвртна 2006 година. Кога, ајде да признаеме, мнознството од плебсот беше вљубенички потклекнало пред еуфоричната портокалова иконографија на една измамничка политичка кампања. Јас и ден денес не можам да разберам како она евтино издание - книгата „Програма во 100 чекори“, успеа да биде продадено небаре како библиско четиво и завет, и како истото, во очите на масите, набрзо прерасна во исусовски чеден, наместо во измамнички симбол на божем добри намери, наводна работливост и земјољубие на една експлицитно инфантилна (а се покажа и: непојмливо опасна) политичка структура.

Исто така, и ден денес не можам да разберам како тоа инстантната институционална партизација, а потоа и концентрација на целата моќ во државата во рацете на шака луѓе од едно (во секој поглед) потпросечно семејство, спроведени на најбескрупулозен и манијакален начин во период од само неколку месеци, не предизвикаа навремена и соодветна реакција кај, во тоа време, се’ уште нечепнатото демократско ткиво. Ќе забележам дека граѓанската реакција почна да станува позабележителна и гласна дури откако стана јасно дека, заедно со политичката моќ, врхушката од власта ги има целосно преземено и управувањето и контролата врз сите материјални и финансиски ресурси и текови. Тоа стана очигледно уште некаде кон крајот на 2007 година, а со подоцнежната брутална, коруптивна, валкана и апсолутна доминација врз медиумите само беше удрен восочниот печат врз ковертот во кој беше закопана иднината на Македонија.

Долго не можев да разберам како „црниот понеделник“ успеа, наместо во крик за ослободување, да се претвори во точка на конечна поделба на граѓаните на Македонија. Тој понеделник беше денот „Д“ за македонската трајна поларизација, која уследи како последица на безочната, диригирана, чисто гебелсовска операција, а после која продолжи фашизоидниот поход за истребување на скромните остатоци од јавното слободоумие. Не сфаќав како, токму во тие месеци, надвор од секоја здраворазумска логика, до толку нарасна бројот на таканаречени „неутралци“, а всушност фрустрирани страшливци и интелектуално недовршени примероци.

Не сфатив како, и покрај жестоката емоција што ги обзеде луѓето кои се вклучија во „Отпорот“ студената зима 2012/2013 година и нивната решеност најотворено да се демонстрира подготвеност за одење до крај во борбата, енергијата спласна наеднаш, скоро преку ноќ, и тажно згасна со оставката на Црвенковски. Никогаш не ја уловив вистинската причина за немоќта, која веднаш потоа, како избрчкан јорган се распосла врз телата и душите на оние кои патат, и за исчезнувањето на онаа фантастична и оптимистична енергија со која се беше обвил „Отпорот“.

Не сконтав како, при очи и мозок, после сите кражби (на избори, пари, достоинство и души) умираше импулсот за нешто да се преземе, заедно со (така барем мислев) вродениот инстинкт нешто да се спаси за да се преживее. Затоа, еден ден сите ќе мора да бидеме чесни, ако сакаме да останеме луѓе, и да им оддадеме признание на грстот поединци чии грла и усти не пресушија во времето на стравот и тиранијата, иако и самите свесни дека ретките ластовици никогаш не се предвесници на сезона на слобода.

Се случи што се случи потоа. Го живуркаме под константен, неподносливо продолжен стрес ова време на осрамотено умирање на нашава тажна земја, не верувајќи во сопствениот потенцијал да бидеме барем најмали херои. И сега, кога наеднаш се појави силен предизвик на нашиот мрачен хоризонт, предизвик што треба да го прифатиме или сите, или ќе не’ снема, јас повторно не можам да сфатам. Не можам да сфатам како тоа драматуршко-вокалниот перформанс на артистот-домаќин на една историска трибина станува поважен од есенцијата на тој долго очекуван собир. Не можам да сфатам како некој не може да се порадува, барем онака тивко, со насмевка, што во оваа темна штама може да ги слушне прагматичните, чесни и јасни, а истовремено од срце изречени думи на еден Стево Пендаровски, како и мотивирачките и искрени пораки на Зоран Заев, 
„лудиот јунак“ на ова време на безумие. Не можам да сфатам дека ироничниот мајтап со „заљубените“ министри е погласен од зборовите на поддршка на храбриве борци, кои се зафатија да водат дуел гради в гради со најголемото зло, жртвувајќи при тоа многу, дури може би и физичката слобода или живот. Не можам да сфатам како тоа од средбата во Универзална сала некој очекуваше да слушне нешто налик на изборна програма и ветувања за некое подобро утре, небаре непријателот е поразен додека ние сме спиеле на каучот, па сега е дојдено време за тестирање на ново-старата опција, која и онака отсекогаш била многу полесна за плукање.

Не можам да сфатам и се чудам: имаме ли ние некакво право да им судиме на храбрите, кои, дај Боже, изгледа има шанса да не’ извлечат од оваа длабока канализација? Ама овој пат не сами. Туку само ако сега, во оваа последна прилика, им подадеме рака, како што и самите недвосмислено, од утроба и од горливи тела, јасно ни довикнаа.