2/14/2014

„Дали е*е убавиот или паметниот?“ (стара српска)

Пред нешто помалку од година дена, ме поканија од еден странски проект да одржам предавање пред група млади невработени на тема „Жената и претприемништвото“. Низ неколку ангажмани што ги бев одработела за проектов, неговото раководството забележало дека „не ми паѓал духот во овие сложени времиња“. Па ме одбрале како жена, која на младиве треба да им го зацврсти уверувањето дека треба „да се осмелат и да го направат првиот чекор“.

Во животов си страдам од правење атер и кај што треба, и кај што не треба. Сум работела многу ангарија, сум вадела луѓе од измет и кога не заслужиле, сум правела глупи жртви за идиоти за кои ми дошло жал во некои нивни „извесни“ ситуации, во име на некои стари дружби, врски или сакања. Ме коштало тоа доста, некогаш и повеќе од што некој би претпоставил. Овој пат, повторно за атер на соработката, пристанав да говорам пред младиве. На тема што ја мразам.

Пристојно уредена хотелска сала, шишенце со вода, тефтерче и евтино хемиско пред секое од децава во аудиториумот. Во првиот ред седат главешините на проектот и неколку најнадобудни канаринци-соработници. Сите убедени дека од мене ќе го слушнат рецептот за успех, патот до милионите во бизнисот во Македонија.

Ама имам јас уште една особина што проектниве „големци“ не ја „фатиле“. Имено, дека од принцип не лажам, особено не лажам дечишта. Ја имам таа глупа карактеристика да не филувам стварност и да не продавам црно за розово. Да не се упикујам ни на власт, ни на главешини, ни на парајлии. Карактеристика што ми затворила многу врати со железни катанци. Ама ми ја оставила мислата слободна, паметов свеж, а сонот мирен.

Како секој западно школуван за претприемништво, на еден голем флип чарт со црвен маркер им ја исцртав на децава шемата на функционално претприемништво. Им ги објаснив претпоставките за успешен старт-ап. Зборував за важноста на идејата, способностите, знаењето и вештините, почетниот капитал. И тогаш дојдов до вмрежувањето и пазарот. До шиткањето. До пристапот до парите.

„Не е важно дали си жена или маж во Македонија“, им реков. „Дискриминацијата по род е скоро минорна во споредба со сите други дискриминации во реалниот живот“. И со црниот маркер почнав да ги обележувам точките на сопнување во оваа земја за секој мал бизнис, па и за мојот. Многу брзо, сите црвени цртежи и кругови на шемата стануваа црни. Поцрне белилото на флип чартот. Црвени останаа само идејата, и дел од способностите и вештините на сопственикот на бизнисот. Ги прашав: „Што мислите, дали идејата и овие неколку способности, ако немате механизми да ги материјализирате на пазарот, треба на оваа шема да останат црвени или не?“ Имаше штама во салата барем една минута. Тогаш се јави една девојка и рече: „Сакате да кажете дека идејата останува остварлива, ама само некаде надвор?“ Дечкото до неа го зеде микрофонот и одговори: „Не, мислам дека пораката е дека има алтернатива и во Македонија, ама само до колку вмрежувањето го оствариш на вистински начин и ако потклекнеш пред политичките сили што го раководат пазарот“. Почекав кусо, па ги поканив останатите да се вклучат со дискусии и мислења. Лавина од спротивставени ставови предизвика голема врева во салата. Неколку самоуверени момци и девојки од петни жили зборуваа за тоа дека владата ќе направи се’ нивните бизниси да успеат. Се поделија децава на два непомирливи табори.

Тука побарав да направиме резиме и да извлечеме неколку најбитни поенти од дискусиите. Повикав една умна девојка нив да ги испише на ново бело парче хартија од флип чартот. Групата активно се вклучи во дефинирање на заклучоците. Траеше тоа некои добри пет минути. На крајот, погледнав во напишаното. Заклучоците беа: 1. Идејата е важна 2. Почетниот капитал е важен 3. Вештините се стекнуваат 4. Родовата дискриминација е скоро неважна 5. Најважен е пристапот до политичките моќници кои го диктираат пазарот во Македонија.

Децава немаа повеќе од 22-3 години. Убави, млади, стројни, полни со енергија. Јас само сакав моето сведоштво да им ја насочи енергијата. Кон едната или другата алтернатива. Што е право, има и трета можност: одење по најтешкиот пат, оној како мојот. Таквиот не сакав ниту да им го спомнам. Затоа велам: не излажав, туку само премолчев што би ги чекало ако не се закачат за едно од двете. Да заминат оттука или овде умно да се вмрежат. Премолчев зашто вредностите кои сум ги интернализирала низ годиниве денес се осудени на потсмев. А јас не сакам да им се потсмеваат на младите. Не е ова време за идеали. Да оставиме идеалите да бидат занимација за сиромашните интелектуалци.

Факт, можев да им кажам и да се борат. Да сменат. Да бидат граѓански активни. Да направат жртва. Нешто не ми дозволи да одиграм на таа карта. Некој внатрешен инстинкт дека со тоа ги туркам во борба со ветерници.

Раководството на проектот веќе никогаш не ме побара за соработка.