11/19/2013

Во знак на почит за Митрета

Како искра нежна светлина во црната текстура на ова наше проколнато време-невреме,
одекна гласот на Митре Велјаноски. Застанат гордо на местото кое некогаш и од некои будали било смислено како подиум за гласот на народот, умниот човек од Дебарца проговоре со заборавениот јазик на Македонецот. Тоа е јазикот од песните за неправдата, ропствата, страдањата, убиствата, бедата и надничењето, песни испеани од непознати и познати просветлени глави чии дружбеници биле срцето и тагата. Ја испеа Митре жалната песна за злото и јаремот, но не злото од дамнешните времиња, туку исто такво ама ново, сегашно, зло кое кинисало да ни ја одземе и душата, зашто само уште таа ни остана неземена.

Митре Велјаноски ги има годините кои му даваат за право да споредува, па потоа спокојно да заклучува и нишани. За разлика од некои други, кои без да видат, сетат и осознаат, го тураат бездушно отровот по патеките по кои врвиме, и одново и одново ги крвават ножевите од раните што ни ги отвориле и затруле. Таквите ги води пеколна омраза, ги води тестаментот што им го оставиле, тестамент за довршување на злосторството.

Митре Велјаноски 
ја испеа песната која ноќе, скришно, без да чујат ламјите, си ја пее оној народ што е казнет да изумре зашто не му се поклонил на големиот спасител. Митре Велјаноски ги слушнал ноќните шепотења на гладните, страдните и понижените, свирепо и беспоштедно осудени од Големиот Цар. Митре Велјаноски ги испеа солзите на мајките кои родиле чеда за новите печалбарски елегии, мајки чии дворови останаа без босите ноџиња на внучињата и без радосната детска игра со дедовците. Мајките чија рожба и поколенија нема да ги сетат топлината и светковината на семејните неделни ручеци.

Митре Велјаноски го извади на маса закланото тело на Македонија и покажа, како на час по анатомија, кои органи на оваа страдалничка биле забодени најсилно од убијците и од каде искрвавела најобилно пред да умре. Во штама и зачуденост, пред публика затекната во сопствениот шизофрен анимализам, Митре Велјаноски ги објасни разбирливо тегобните наоди од обдукцијата на крвавиот труп, кажувајќи дека смртта била долга, тешка и исцрпувачка. Сакав да видам, а немаше можност, дали на некое лице меѓу наредените пред Митрета некому му заигра окото, затрепери образот или посилно зачука жилата.

Чекам утрово да видам колкумина ќе го спомнат Митрета. Колкумина, и ги има ли воопшто, ќе му појдат за добар ден, да му ја стегнат раката, да му се придружат. Се наредат ли луѓе покрај Митрета, го гушнат ли за рамењата, се нанижат ли еден до друг во редица, ќе речам: не ми е жал што останав. Да го чувам гробот на мајка ми и татко ми зашто нема кој друг, да не ме земе туѓината зашто имам своја мила татковина, да дочекам рожба од чедото мое за да ми ја врати среќата. Но ако не го спомнат Митрета, ако не дојдат да го фатат за рака, а потоа и ако многу други раце не се закачат во синџир од надежи, ќе зажалам што пред многу години не заминав, што будалштината од младоста ме изиграла, што вербата во луѓето ме измамила. Сега е време да излезат ноќните шептачи од зад болките и сите заедно да станат Митре Велјаноски, да станат птица што сака да полета за Македонија.