Една расправија на твитер во доцните вечерни часови синоќа, ме натера кусо да прозборам на темата одржлив развој и како на него гледаат поклониците на власта. Имено, во дискусијата што се разви меѓу група твитерџии, оние кои им се наклонети на владините политики изнесоа интересен став дека градбите од проектот СК 2014, останатите објекти од сличен карактер по Македонија, како и најавениот нов клинички центар спаѓаат во категоријата капитални инвестиции, и дека истите придонесуваат за постигнување одржлив развој на земјата. Твитерот е јавна платформа, отворена за сите нејзини членови, па ваквата теза можеа да ја прочитаат стотици, особено млади луѓе. Меѓу нив, разбирливо, поради карактерот на нивните професии, профилот на образование или интересите, има многумина на кои ниту поимот капитални инвестиции, ниту оној за одржлив развој не им се блиски. Опасно е ако тие луѓе се закачат за тезата дека градбиве на власта може да се опфатат под овие поими, како инвестиции со капитална конотација.
Ќе кажам прво дека со донесувањето на Стратегијата за одржлив развој 2009-2030, Владата се обврза концептот на одржлив развој веднаш да почне да го промовира пред сите граѓани, институции и организации на централно и локално ниво со цел да ја подигне свесноста на сите заинтересирани/одговорни страни за неговото значење, комплексност и реализација. Покрај тоа, донесувајќи го овој документ, Владата се обврза сите одлуки, посредно или непосредно поврзани со прашањата на развојот, да ги креира врз копнцептот на одржлив развој. Тоа би значело дека безмалку сите стратешки и тактички развојни одлуки треба да претставуваат сегменти на еден интегриран и координиран општествен менаџмент систем, чија цел ќе биде постигнување на ниво на развој на одржлива, трајна основа, за бенефит на сите граѓани на државата. Да видиме што направи владата во изминатите години. Ако се знае дека основни лостови на концептот на одржлив развој се економскиот, политичкиот, социо-културниот и еколошкиот, да провериме дали во таа смисла владата носела интегрирани и координирани одлуки кои гарантираат почитување на суштинските принципи на моделот. Односно, дали при донесувањето на одлуките, таа недвосмислено и истовремено водела грижа и за економскиот, и за социо-културниот, и за политичкиот и за еколошкиот карактер на одлуките. Да го разгледаме тоа на примерите кои беа предмет на твитер-дискусијата.
Веднаш да ставам важна забелешка дека наспроти долгогодишната пропаганда дека се работи за капитални инвестиции, ниту проектот Скопје 2014, ниту новиот клинички центар не можат да се подведат под таа категорија. За некоја инвестиција да има капитален карактер, таа најнапред треба да има бизнис логика, односно да биде поврзана со бизнис и создавање пари. Капиталната инвестиција е оправдана само до колку на бизнисот му овозможи раст, а и ако однапред се докаже дека тој, бизнисот, ќе биде способен истата да ја врати во една разумна иднина, без последици за нормалните оперативни функции и активности. Така компаниите, најчесто преку екстерни извори на средства, многу помалку од сопствени (нпр. реинвестирана добивка), вложуваат во опрема, машини или згради, капитални средства за кои веруваат дека ќе го поттикнат развојот на бизнисот и ќе придонесат за генерирање доволен приход за сервисирање на долговите кај екстерните финансиери. Покрај приватните компании, инвестиции од капитален карактер може да презема и државата, но само во проекти кои, исто така, ја следат бизнис логиката. Во случајот на Скопје 2014, очигледно не се работи за капитална инвестиција бидејќи парите се вложуваат во непродуктивни јавни објекти, кои сами по себе немаат бизнис логика. Исто како и новиот клинички центар, објектите од Скопје 2014 можеме да ги подведеме единствено под категоријата јавни, а не капитални инвестиции, со напомена дека голем дел од Скопје 2014 го нема дури ни тој карактер. Имено, како јавни инвестиции се сметаат вложувањата во здравството, културата, образованието или други општествени подсистеми, а за кои се смета дека значително ќе ги подобрат услугите на државата кон граѓаните. Точно е дека новиот клинички центар, ако се изгради, може значително да го подобри квалитетот на здравствените услуги од терцијарниот сектор, но кај проектот Скопје 2014 тоа никако не е случај бидејќи голем дел од изградените објекти или се од чисто административен карактер, или имаат спорна природа и намена, особено низ призмата на одржливиот развој. Значи, тие не само што не претставуваат капитални, ами јавни инвестиции, туку и не се во согласност со моделот на одржлив развој што владата го усвоила како кодекс. Да видиме зошто.
Прво, од економски аспект, објектите се градат во исклучително турбулентно економско опкружување, во кое длабоката сиромаштија е одлика на една третина на македонското население, а уште друга третина од населението е де факто сиромашна, ако не статистички. На неразвиената Македонија, земја со низок степен на деловна култура и недоволен капацитет на приватниот сектор, владата можеше да и' помогне не преку јавни, туку преку капитални инвестиции, кои долгорочно ќе ја подобреа деловната клима, условите за развој, а со тоа и стандардот на населението. Ќе беа далеку пооправдани вложувања во патна, железничка или енергетска инфраструктура - капитални инвестиции како најзначајни претпоставки за одржлив развој на било која економија. Згора на тоа, изворот и износот на средства за објектите изградени во изминатите години остануваат под закрила на непознатото. Но сеедно, следејќи ги редовните задолжувања на Владата, што кај странските банки, што кај домашните позајмувачи, повеќе од извесно е дека објектите не се градат со користење на некаов вишок средства од државниот буџет, туку преку кредити и позајмици. Имајќи го предвид некапиталниот карактер на инвестициите, односно фактот дека тие самите нема да бидат во состојба да создаваат приход за враќање на долговите, јасно е дека раздолжувањето ќе биде на товар на граѓаните и целата заедница. Поради тоа, не држат 'квази-кејнзијанските' оправдувања на владата дека оваа градежна експанзија ќе ја раздвижи економијата. За разлика од инвестирањето во капитални објекти, економскиот ефект од овие јавни инвестиции ќе биде само еднократен, во текот на изградбата на објектите, кога фирмите-изведувачи и една шака пратечки компании ќе го исркаат кремот. Некапиталната природа на овие објекти во иднина само ќе генерира нови, робустни и непотребни трошоци, се' на грбот на населението. Тоа ќе бидат трошоци за плати, одржување, обезбедување и сл., за кои ќе бидат потребни големи буџетски издвојувања.
Од политички аспект, за јавните инвестиции секогаш мора да постои некаков консензус меѓу политичките групи. Проектот Скопје 2014 не само што е отфрлен од страна на најголемиот дел од опозицијата, туку анимозитет кон него постои и во самата владеачка коалиција. Проектот прерасна во линија на најостра политичка поделба во Македонија и закрвени односи внатре во политичкото миље, со несогледиливи последици за иднината на државата и нејзиниот демократски развој. Претпоставувам дека за новиот клинички центар реакциите ќе бидат нешто поблаги, но ќе остане да виси неодговорено прашањето зошто, ако веќе постоел план, на изградбата на клиничкиот центар се чекало дури седум години, како и прашањето за оправданоста на задолжувањата за неговата изградба кај Банката на Европскиот Совет токму во период на длабока економска криза и исклучително фрагилен финансиски потенцијал на Фондот за здравство.
Од социјален и културолошки аспект, овие јавни инвестиции се исто така крајно проблематични. Факт е дека во периодот на градбата, стотици поединци се вработуваат и земаат каква-таква (најчесто минимална) плата, во тешки услови за работа кај приватните работодавачи кои работат на изведбата. Сепак, на подолг рок, истите тие луѓе ќе ја делат судбината на останатите сегменти од заедницата и ќе бидат принудени непотребно да плаќаат за овие инвестиции, реализирани во време-невреме, вложувања без капацитет за нивно враќање. Во културолошка смисла, пак, Скопје 2014 направи посебен тип хаварија врз идентитетскиот пакет на македонското население. Тој предизвика натамошни раслојувања во македонското национално ткиво поради фактот што голем дел од македонската популација не може да се идентификува, ниту да ја оправда културолошката и историска заднина на проектот. Со еден збор, наместо социјална и културолошка придобивка со одржлив предзнак, проектот резултираше во целосно дисхармонизирање на односите во овие две клучни области.
Од еколошки аспект, проектот Скопје 2014 целосно го урниса природниот баланс околу реката Вардар, ја девастираше нежната еко структура во централното градско подрачје и однесе, како курбан, голем дел од градското зеленило и крајбрежните површини. Проектот удри по визурите и перспективите што се карактеристични за еколошки проекти. Тој го ампутираше правото на граѓаните за движење низ слободниот простор околу реката и некогашниот плоштад на метрополата, и ги поремети природните воздушни струења во најзагадениот дел од градот. Мал надомест за тоа би биле еколошката и енергетски ефикасна градба, ако тие пристапи воопшто се користат во реализацијата на зградите, мостовите, спомениците, капиите, шпанските скали, фонтаните, скулптурите и партерното уредување.
Според тоа, овие инвестиции се во целосна спротивност со концептот за одржлив развој, содржан во документот амбициозно насловен како национална стратегија. Проектите немаат економска, политичка, социо-културна и еколошка оправданост, а во најголем дел се и во спротивност со ваквите лостови Владата падна во замката на пропагандата на монументалното градење, преку која најмногу се фали и внатре, и пред светот. Наместо одржлив развој, овие проекти ќе ни' донесат, барем така се чини, само одржлива сиромаштија и назадување во секој поглед: економски, социјално, културолошки, политички и еколошки.