3/29/2013

СДСМ, освестете се!

Главна фалшлива точка во системот на СДСМ, каков и да е тој - организиран или
неорганизиран, е недостигот на смисла/талент за ситуациона анализа. Тоа го забележав уште во 2006 година, кога владата на Бучковски го доживеа оној изборен пораз, од кој партијата никогаш не се опорави. Интересно е што СДСМ го претрпе тој пораз токму во констелација на највисок степен на демократија што во ова општество е регистриран од самостојноста до денес. Бучковски, и покрај тоа што беше вбризгал прилична доза кислород, воздух за дишење во ткивото на власта, администрацијата, бизнисот, па дури и во медиумите, ја загуби битката со ДПМНЕ на еден глупав, непромислен, може да се каже и наивен начин. Го фатија на новата територијална организација, на бавното економско опоравување по конфликтот од 2001, а како посебен скандал тогашната опозиција ја туркаше Фабриката - проект за медиумска промоција на политиката на власт што беше исвиркан уште пред да заживее. Какви биле односите во партијата во тоа време - јас не знам, но помнам дека отстрана се насетуваше нивното неединство, вирусот на распаѓање, внатрешната нетрпеливост кон Бучковски и бескрајното цурење на информации за валкани алишта внатре, меѓу членството. СДСМ, инаку, отсекогаш беше партија од која по кулоарите и кафаните везден течат оговаранции, местенки и легенди, нешто што од денешна дистанца можеме да го квалификуваме како недозволена, а не како демократска недисциплина, или впечатлива организациска анархичност.

Убедена сум дека во 2006 година СДСМ не седна да направи длабинска анализа на причините за тој ужасен пораз. Тоа не го сторија ниту подоцна, по редицата нови изборни порази. Да, ние се изнаслушавме изјави од нивното членство во врска со промашените обиди за консолидација, но дури и ние, граѓаните без инсајдерски информации, бевме сведоци дека нешто шкрипи во аналитиката на СДСМ. Мислам дека најтрезвените аналитичари-социјалдемократи денес се надвор од (мејнстримот на) партијата. Тука мислам на Никола Поповски, Ѓорѓи Спасов и уште неколкумина, кои заради интерни конфликти со партиските другари, останаа маргинализирани, и покрај нивното цврсто и евидентно опстојување на социјалдемократската идеологија, вредности и визии. По нив, партијата никогаш не беше освежена со интелектуалци од тој калибар. А не треба да се заборави дека зад контурата на социјалдемократијата секогаш стои силна интелектуална елита. Онаква, која по правило ја турка хуманистичката идеја, го шири духот на правдата и праведноста, и промовира идеи за справување со разулавениот корпорациски поредок. Наместо на реинкарнација на вистинската социјалдемократија, СДСМ се зафати со исцрпувачка реактивна борба против нерамноправниот противник, кој во меѓувреме ја одбра скапата, бездушна, преагресивна, подмолна и непобедлива тактика на разорување на сите општествени вредности, идеали, верувања и опозициско мислење.

Имам впечаток дека СДСМ не се собрал на маса за НАЈОБЈЕКТИВНО да се соочи со феноменот на лесно одработена фашизација на Македонија. СДСМ не сфаќа дека поимот „народ“ веќе не може да се објасни со помош на нивните, веќе невалидни критериуми за дефинирање на структурата на македонската популација. СДСМ не може да ги идентификува пунктовите за итно делување. На СДСМ му се потребни Алфи, единици за брзо распоредување по критичните точки на програмата и делувањето. На СДСМ му е потребен кризен менаџмент, сега, веднаш, кој потоа треба да биде заменет со менаџмент на промени (change management). СДСМ мора ширум да ги отвори очите и чакрите за да ги прими сигналите и енергијата што доаѓаат од еден голем дел од луѓето, кои во овие седум години изгубија и достоинство, и верба, и работа, и леб, и можности и надежи. Тоа се луѓето кои од СДСМ очекуваат битка. Тоа се луѓето кои и на овие последни избори, можда за последен пат, цртаа крукчиња на бројките на Сојузот за иднината.

СДСМ гори зашто никогаш не му се обрати на тој дел од народот. Дел кој никогаш не потклекна, не се продаде, не побара азил во ДПМНЕ, дел кој изгоре, обеле, егзистенцијално пропадна. СДСМ како да не виде дека на Отпорот му се приклучија токму тие луѓе. Отпорот беше силно запалена светилка што СДСМ не седна да ја изанализира, туку ја припиша на конто на својата снага, шарм и лидерство. Грешка! СДСМ не виде дека болката 
од сцените на 24 декември кај тој дел од луѓето  беше поголема дури и од физичката болка на Радмила. СДСМ не воочи дека болката кај тој дел од луѓето е болка поради сохранетата слобода, одземената иднина. СДСМ не виде дека на тој дел од луѓето веќе не му е битно кој ќе ја асфалтира соседната улица или ќе ја изгради маалската црква, туку дека му е побитно да почне длабокиот реинженеринг на државата. СДСМ не ја долови на прав начин гримасата на критичната маса луѓе застанати околу Ладата, од чии лица бликаше надеж. Во долгите колони на Отпорот по Партизанска, СДСМ не ги виде пензионираните професори, отпуштените технолози, разочараните правници, осиромашените инженери и уморните невработени млади. СДСМ не ја препозна искрата во очите на угнетените, а таа повикуваше на акција, промена и непокор.

Без солидна анализа, СДСМ нема да види дека еднопартизмот ќе ги вцица и овие луѓе. Можда не баш во своите редови, ама во машината на молкот - сигурно. Леб нема, мои драги социјалдемократи, леб. Многу ваши луѓе отидоа да ја купат црвената книшка во замена за сува корка леб. И други ќе ја купат. Додека има место во фашизираниот табор. Вие ќе останете сами. Толку многу сами, колку што сме ние денес. Но ние сме сами не по своја вина. Ние сме плеснати на работ меѓу гордоста и срамот. Ние, воспитани на работливост, недискриминација, неекспонирање, тивко скривање на маката, ненанесување болка и навреда на другите. Ние, кои верувавме дека социјалдемократијата е миље за нашата филозофија за живот, за нашите индивидуални и колективни делувања. Ние, кои не крадевме во 1990-те, а децата ги воспитавме на скромност. Ние, денес понижени, заради одбивањето да се поклониме пред авторитарноста. Но, изгледа, ние вам не сме ви интересни. Вие би биле задоволни ако еден ден стадото на Груевски почне да се разбегува, па вие дел по дел да го собирате. За со нив повторно да пресликувате исти матрици, иста свест. Но, тоа тешко ќе се случи, помнете. До тогаш, вас ќе ве снема во самотијата.

Седнете, сдсмовци, анализирајте. Препуштете и' се на анализата; таа е толку креативна операција. Таа буди, просветлува, открива, насочува. Викнете помош ако не можете сами. Барајте умни и поумни, тоа ќе го цениме. Анализата ќе ви покаже колку ви е близу денот на самотијата, денот кога и ние ќе ви речеме - доста е.          





         

3/18/2013

Луѓето во бело и луѓето во црно

Овој текст е за докторите од Клиничкиот центар и нивните пациенти. Оние доктори, на кои треба да им се плаќа по учинок и  кои го кренаа гласот за достоинство, а на крај чудно замолчеа со образложение за некаков полудоговор со напрчениот министер. Овој текст е и за оние пациенти, за кои Систина, Ремедика или Свети Лазар претставуваат недостапни зданија. Овој текст е за вистината, која ја нема по телевизиите.

***

Во мартовското студенило, фатени цврсто под рака, одевме молкум по „Водњанска“ па свртевме лево за во Клиничкиот центар. „Дивите“ таксисти, заштитени од долгата рака на ситниот државен криминал, пушеа во групи долж улицата. Стотици луѓе влегуваа и излегуваа низ капијата, сите до еден смуртени, свиткани, во облека на сиромаси и со лица на загриженост, тага или препуштеност на судбината. Во моментот кога влеговме низ главниот влез, ме облеа она исто чувство на трема, неизвесност, беспомошност, како и секогаш кога сум влегувала во тој тажен простор. Никој тука не дошол од ќеф. Освен родилките и нивните семејства во деновите на раѓањето. Секој друг доаѓа од мака.

Во старата, скапана барака, пред шалтерот стои редица од пациенти. Пред вратата се собрало семејството на старица, легната во подвижен болнички кревет, покриена со јакните на мажите што ја донеле. Речиси без живот во себе, низ дебелите диоптерски очила, таа го вперила погледот кон таванот, распукан вдолж и попреку. Греење нема. Од прастарите радијатори се останати само валкани маски. Подот, кој некогаш бил поплочен со ефтини винилни плочи, ја примил мрста од годините, од болестите, од несреќите. Се' мириса на старо, мувлосано и неисчистено. Ги земаме документите од шалтерот и се упатуваме кон кабинетот во кој имаме закажано со време.

Интерната клиника е иста онаква, каква што сум ја оставила при последната посета пред повеќе години. Помнам како на вратите наредени по долгите ходници некогаш одамна ги читав имињата на старата македонска лекарска гарда - луѓето што ја создаваа историјата на нашата медицина. Сега, тие исти ходници се толку темни што не можам ни да видам која е новата генерација клинички лекари. Престудено е. Прозорците, стари веројатно повеќе од 50 години, во најголем дел не се затвораат. Брише промаја од секаде. Не е доволно да се каже дека наоколу се' е субстандардно. Не, тоа е сиромаштија. Толку длабока, што не вреди ни кречење, ни боење на дрвенаријата, ни ковање на прозорците. Луѓе во бели мантили, со доносени кломпи на нозете, минуваат натаму-наваму. Преовладува црно-сива боја на облеките на пациентите. Никој не носи ни сино, ни црвено. Се' си е совршено вклопено во тој мачен амбиент.

Болеста, сакале да признаеме или не, го урива достоинството на човека. Ако не баш достоинството, тогаш ја урива, во најмала рака, способноста за апстрахирање од околината. Болниот човек заслужува хумани, уредни, па дури и весели услови кога оди на лекар. Не е ли доволна самата мака, болка, страдање, та уште фали и мемлата по ѕидовите, непријатната миризба по холовите и дојадената опрема по чекалните. Толку ли е ниска вредноста на човечкото битие, та и во најтешките мигови да го потсеќаат дека не заслужува ни почит, ни подобро.

Во тој деградиран објект, зад вратите на кабинетот за преглед, не' пречекува докторот. Човек на педесеттина години, со скромно испишано академско звање на лекарската одора. Стравот, анксиозноста во нас, исчезнува во моментот кога тој како заштитник, пријател, мудрец, ја почнува својата сложена задача. Питомост во гласот, охрабрувачки зборови, трпеливост и добронамерност се тајните алатки на неговиот човечен пристап. Ја завршува работата, се поздравува со нас и не' предава во рацете на неговиот помлад колега, Албанец, кој се грижи за нас до крајот на престојот во клиниката. Убавите зборови остануваат во нас, како контраст на мизеријата низ која поминуваме повторно на патот кон излезот.

Помислив на сите златни коњи, бронзени монументи, аздисани зданија, тендери и бесотии со кои ја покрија Македонија. Се замисли ли некој колку животи чини секој од спомениците, секоја од златните огради? Не вреди ли безброј пати повеќе работата на луѓето во бели мантили, чиј труд и чесност се ставени под лупа за до крај да ја изгубат мотивацијата? Каде води тој неправеден спој на несреќни пациенти и понижени лекари во јавното здравство? Поважен ли е за овој народ директорот на Агенцијата за електронски комуникации, кој приредува раскалашни журки на државна сметка за 25 илјади евра? Пресметал ли некој што се' може да биде направено во оваа клиника со тие пари, за докторите да работат во нормални услови, а пациентите да се чувствуваат како луѓе?

Не, ниту пациентите, ниту лекарите во јавното здравство немаат вредност. Како и едните и другите да се товар на државата, која би била најсреќна ако нив ги снема. Да останат само младите и здравите, само богатите и расчаламените, само проклетата пљачкашка елита. Како да е пуштено на наци-корпоративната стихија да го сотре вишокот популација, вклучително сиромашните болни и нивните понижени доктори. За да бидат казнети што транзицијата од нив не направила аждери. Зашто единствено аждерите се достојни за вкусот на посебните. За вкусот на оние кои во секој свој потег, мисла, намера, се водат од смрдежот на парите.

* * *

Ова е текст за неправдата. Овој текст нека биде поука за оние што сакаат да дојдат на власт. На овој текст нека се сетат оние што по плоштадите и куќните врати го бараат гласот на напатените за да дојдат до победа.