
Народот не може да биде во доволна мера проактивен ако не располага со коректни информации за суштината на општествените проблеми. Затоа, неколку важни, а неодговорени прашања, се причина за нашата збунетост во овие долги денови на исчекување и мачнина. Сите ние, кои своите ставови ги градиме само врз основа на видливото во просторот на јавната сцена, во моментов се губиме во празнина, не можејќи да одгатнеме што крие опачината на сликата што ни’ се презентира преку гласот на спорадичната алтернатива на власта, од која очекуваме логични и промислени одговори. Но, кај таа алтернатива владее дисонантност. Човек никогаш не може да биде сигурен кој и колку работите ги претставува реално, а колку тие видувања трпат од субјективниот однос или субјективниот товар што го носат на своите плеќи аналитичарите надвор од владеачките кругови.
Небулозно, но вистинито, најтранспарентна во овие мигови е власта. Таа не крие дека единствена работа и’ е да ја оствари мисијата за целосно уништување на СДСМ (и останатата опозиција) - ветување што го даде уште пред некоја година, заедно со наредбата/указот што тогаш писмено го издаде до своето членство. Во таа своја деструктивна преокупација, власта демонстрира извонредна конзистентност, координација и упорност. Годините на поткуп (што ситен, што крупен) на бројни категории граѓани, енормно го зголемија капацитетот за агитација и пропаганда на ДПМНЕ, така што песната за крајот на Бранко, распадот на СДСМ и конечната трансформација на Македонија денес ја пеат стотици илјади грла. Кај тие луѓе не постои никаква дилема за наредните чекори. Ќе биде следен водачот во неговиот поход за крваво сечење на главите на Црвенковски и неговото одвратно опкружување. Во фантастично дизајниран малограѓански манир, мисијата дополнително се набилда со „харизмите’ на идолите од естрадата и спортот, чие невкусно масовно вклучување во битката е со цел да ја победи и колебливоста на неутралните, незаинтересираните или младите со сеуште неоформена идеологија. Воспитната школа, низ која задолжително минува целата оваа армија, функционира без грешки. Сите нејзини припадници зборуваат со ист речник, нивните ножеви еднакво сечат и на телевизиите, и на социјалните мрежи, по целата државна администрација, кафаните, ноќните клубови и улицата. Тој дисциплиниран хор без отстапувања од нотите ја пее едната те иста песна, дури и во отсуство на диригентот.
Но затоа, во флуидниот простор на другата страна остануваат да лебдат некои неодговорени прашања. Нам, изолираните од политичките кујни и од привилегијата за информираност што ја уживаат само дворските кругови, тоа ни создава непријатно чувство на немоќ и несигурност. Во недостиг на инпути за градење на поиздржана логичка рамка, се губиме во нагаѓањата за можните сценарија што следат и за исходот од веќе предолгата општествена драма. Оттаму неаргументираните расправии по социјалните медиуми, исцрпувачките караници по кафулињата, па дури и несогласувањата во кругот на семејствата. Реков, главна причина за тоа се неодговорените прашања, или уште попрецизно, големите спротивности меѓу одговорите што доаѓаат од различни кругови на опозициски расположените поединци.
Првото и главно прашање е дали опозицијата греши што не оди на локалните избори. Понесени од своите инстинкти и беглото разбирање на правилата на политичките игри, во првите моменти реагиравме емотивно, но очекувавме дека компетентните во областа на политичката теорија и пракса ќе ни’ помогнат да го изградиме својот конечен став. Но се случи по ова прашање критичарите на власта да се поделат и изјаснат во два сосема спротивни правци. Едните тврдат дека одлуката за бојкот е убиствена за опозицијата, додека другите се залагаат за истрајност во одлуката за невлегување во изборниот процес. Признавам дека контемплациите и на едните и на другите делуваат многу издржано, но во етерот, над сите нив, виси меур од недостиг на информации. Натаму, и едните и другите велат дека настапуваат водени само од сопствената логика, но ние сме склони кај секој од нив да бараме друга заднина за искажаните ставови. Во таа заднина ги наоѓаме нивните поранешни врски или судбини поврзани со партиите од опозицијата; нивните лоши искуства со ДПМНЕ; некои незадоволени апетити од минатото, па и судски процеси што се водат против дел од овие аналитичари. За некои од нив веднаш помислуваме дека одработуваат за некого и под нечиј притисок, за други сметаме дека, едноставно, се одмаздуваат. Како и да е, за нас прашањето останува отворено.
Второто прашање е дали за својата екстремна одлука, опозицијата има обезбедено некаква надворешна поддршка. Имено, во овие дваесет години навикнавме крупните одлуки за земјата да се носат под патронажа или со директно замешателство на меѓународниот фактор. А имајќи го предвид политичкото искуство на Црвенковски, никој од нас не типува на негови суицидални потези, особено во вака комплицирана ситуација. Црвенковски многу добро знае дека играта со оган што ја предводи деновиве, лесно може да заврши со негово прегорување ако направи крупна грешка во чекори. Сепак, и покрај тоа што опозицијата јавно не доби никаков позитивен сигнал од Европјаните или Американците, никој од нас не е до крај подготвен да верува дека Бранко би играл на несигурна карта со странците. Значи, прашањето, во малку преобратена форма, е дали на странците воопшто им е важна демократијата во Македонија и дали во нивната перцепција Црвенковски и натаму е значаен за некоја од наредните етапи на земјата.
Третото прашање е дали Стевче Јакимовски повлече сопствен или изнуден потез. Овој човек, инаку познат по своите мудри политички калкулации долж долгата кариера во политиката, и покрај тоа што постигна да биде привлечен за гласачкото тело, никогаш не изби на врвот на партиите кон кои беше афилиран. Во недостиг на информации, можеме да се приклониме кон опцијата која вели дека Јакимовски одбрал да не ја пропушти својата, можда последна политичка шанса за останување на силна функција во главниот град, макар и за сметка на раскинувањето на љубовта и губењето на можностите што му ги подари Црвенковски. Можеме, исто така, да веруваме дека тој, не за прв пат во кариерата, му свртел грб на своето партиско раководство. Но, исто така, можеме да веруваме и во гласините дека одлуката ја донел под притисок на полициските служби на власта, прифаќајќи ја со тоа улогата на Тројански коњ во партијата што пред неколку години му отвори големи перспективи. Во недостиг на информации, не треба со леснотија да се обвинува овој политички волк, ниту пак безрезервно да се верува во неговите зборови за пожртвуваност и добронамерност кон граѓаните на Карпош.
Последното прашање е каков е, реално, планот на меѓународната заедница во врска со Македонија, и какви се очекувањата од Груевски во рамките на тој план. Зад оваа, најмрачна загатка, пред која свесно замолчуваат и најупатените познавачи на дипломатијата, се крие клучот, или поточно формулата за иднината на земјата. Ние не знаеме какви се вистинските релации на премиерот на меѓународен план, не знаеме точно чија агенда ќе доживее реализација, и тоа очигледно во скоро време, ниту знаеме која технологија ќе биде употребена за постигнување на целите на таа агенда. Ние, граѓаните без информации, само го имаме злослутното чувство дека нешто не е во ред. Бидејќи Европа и Америка за прв пат поддржуваат недемократски режим во Македонија, затвораат очи пред насилството на власта врз парламентарците и врз гласот на медиумите, не реагираат со загриженост на компонирањето на новата историја, не инсистираат на смирување на разбеснетите политички страсти во земјата, не се резолутни во сопирањето на дрската манифестација на големоалбанските претензии, итн. Свесни за својата минорност во глобалната приказна за интересите на моќта, остануваме со горчливото чувство за лоша завршница.
Нешто ми вели дека во овие мигови намерно се одржува овој информативен мрак за граѓаните на земјава, но уверена сум дека набргу ќе ги добиеме одговорите на прашањата за кои зборувам. Сепак, ме гуши очекувањето дека е многу доцна за некаква посветла иднина за Македонија. Можда многу, многу скоро настаните што следат ќе покажат дека зацврстувањето на позицијата на Груевски преку еднопартиски локални избори, тивкото гаснење на опозицијата, на која за мегдан и’ останува само улицата (и тоа по нејзин сопствен избор), како и улогата на некој Стевче или Милетиќ во целата сторија, биле само добро режирана претстава од страна на режисери кои на крај ќе го сркаат кремот. Тажното во сето тоа е што стапот што ќе мавне овој пат по народот, ќе боли повеќе од било кога.

Постојниот неефикасен и брутален систем на владеење во Македонија се одржува толку упорно благодарение на младите генерации. Тоа е популацијата родена по средината на осумдесеттите години од минатиот век, генерација која во своето помнење го има само периодот по независноста на земјата и транзицијата кон новиот облик на општествено-политичко и економско уредување. На таа генерација, претходниот систем и’ е претставен како утка во секоја смисла на зборот. Утка од аспект на демократијата, утка како економски модел и утка како пристап кон државотворноста и суверенитетот на земјата. Цели две децении по осамостојувањето, беше сметано за целосен ерес ако за времето на Македонија во Југославија се изустеше било каков понежен збор. Првите етикети за предавништво беа, впрочем, лепени токму на темата на југословенството. Кон тоа беа придодавани и етикетите за неспособно комуњарство ако некој се дрзнеше да спомне дека во социјализмот се живеело подобро. Оваа млада генерација израсна воспитувана под влијание на ваквите етикети. Никола Груевски тоа одлично го укапирал и главниот дел од лукративната трговија за добробит на својата прекомотна фотеља ја води со овој популациски сегмент. Својата убиствена, антинародна доктрина феноменално ја практикува врз јунците на транзицијата. Тој широко ги отвори вратите на партијата за послушниците на диктатурата, им обезбеди лагодни државни работни места, здушно ја наградува послушноста на младите, и несопирливо ја ампутира младешката слободна мисла. Младите научија неуморно и групно да му аплаудираат на водачот. Научија дека обожавањето на пастирот значи влезница во зоната на подобриот живот. Научија дека сите што не пеат по партитурите на партијата го заслужуваат дното, пендрекот, пеколот.
Мора да се признае дека за добар дел од анимозитетите натрупани кај овие млади луѓе постои реална основа. Тоа се синови и ќерки на изгубената транзициска генерација родители. Тие родители се луѓето кои во овие дваесет години изгубија безмалку се’ поврзано со пристојниот живот: прво работните места, а со тоа и можноста за барем скромен граѓански живот, сигурноста на било какви приходи, здравственото осигурување, можноста за натпревар на пазарот на труд и правото на пензија. Во главите на нивните деца беше утувено дека вината за сите зла лежи во социјализмот и во комуњарските влади од деведесеттите. А за доказ за таквите тврдења не требаше да се гледа многу широко. Секое семејство го почувствува виорот на приватизацијата и умирањето на најголемите македонски фирми, незаконското создавање на одвратната капиталистичка елита и беспримерното паѓање на цената на трудот. Младите луѓе научија дека треба да се погази се’ што потсеќа на тоа минато. Тие безрезервно се вклучија во новата ментална стихија, која успешно одглуми расчистување со старите неправди. Младите не ја доловија погубноста на новиот „поредок“, на ламјата на „преродбата“, се впуштија во опасната авантура на рушење на се’, а со тоа и на државата. За да се ограничи критичката мисла, се изврши деградација на образовниот систем, се осуети секој обид за слободна интерпретација на стварноста и се инхибираа шансите за развој на демократскиот профил на младата генерација. Денешните „успешни“ млади Македонци се армијата апологети на диктатурата, заедно со подмладокот на безочната ајдучка олигархија. Тоа миље, таа критична маса, ќе биде носител на иднината на Македонија.
Ниедно од тие деца не знае дека проблемите на оваа земја не лежат доминантно во претходниот систем. Тие не знаат дека во зададените, ригидни амбиентални оквири на тој социјализам, Македонија направи многу, навистина многу. Дека од една длабоко провинцијална, супер бедна и необразувана земја, таа за само 45 години стана индустриска економија. Дека создаде добро едуцирана работна сила, во која предничеа одлични инженери, лекари и квалификуван технички персонал. Дека државата разви компетентна државна администрација, дека се почитуваше уставниот и правен поредок, дека полицијата беше народна, дека во образованието наставникот беше личност со респект. Дека се изгради македонскиот литературен јазик, дека Македонија културно се прероди, дека урбанизацијата, и покрај скромните средства, се одвиваше според принципите усвоени во модерниот свет. Да, системот не беше парламентарен и демократски во посакуваната форма, но беше ваден максимумот од можното. Токму за да се оствари сонот за целосно достигање на благодетите на демократскиот развој, се влезе во изградба на новиот систем, оној во кој поединецот требаше да го вклучи својот потенцијал, да го аплицира за свое и за добро на целата земја.
Но тоа не се случи. Државата, наместо средина во која ќе дојде до експлозија на енергијата за создавање, се претвори во извор на моќ што овозможува непречено и неказнето грабање, крадење, угнетување и уништување. Граѓанинот стана неважен. Од него се бара да биде вазал на бескрупулозната моќ на владетелот или, во спротивно, да умре од глад. Всушност, категорија „граѓанин“ не постои. Постојат само гласачи и партијци на едната страна, и безвредна раја, аморфна маса на другата страна. Младите на власта, а ги има илјади и илјади, не го гледаат тоа. Тие се заблудени од волшепството на диригентската палка на диктатурата, па во својот поход кон имањето и поседувањето го изгубија невиниот лик на младешката убавина. Тие се војска на разорувањето. Како секој добар војник, младиот човек денес не треба да мисли; тој само извршува. Што подобар во извршувањето, толку понаграден и поттурнат кон врвот. Што подобро аплаудира, толку повеќе бенефиции. Што помалку зборува, толку поделикатни позиции добива. Колку повеќе ги мрази другите, толку повеќе опстојува на врвот.
Овие млади не знаат дека општество втемелено на делба, прогон и омраза е осудено на пропаѓање. Тие не знаат дека ние веќе сме во граѓанска војна. Дека не е војна само ако пушки и тенкови ечат наоколу, туку дека семето на омразата разорува повеќе од куршумите. Дека во тој трул социјализам, кој ги изгради улиците што Коце денес само ги преасфалтира, се коваше систем против омразата и делбите, само за да опстане Македонија.
Најважното што овие млади не го знаат е дека држава не може да прават недоветни, безмилосни, со омраза и презир обременети луѓе. Правењето држава е проклето тешка, креативна и преодговорна работа. Ако на државата гледаш како на цицка-доилка, таа не трае долго. Млекото пресушува ако не му даваш храна. Храна на млекото за државата се љубовта, работата, создавањето, почитта, конкуренцијата и слободата. Овие млади на власта ниту имаат љубов, ниту работата ја сфаќаат како глагол, ниту имаат порив за создавање, ниту негуваат почит кон другиот, ниту знаат што е слобода. Не само што не знаат за слободата; тие од неа се откажале уште пред да ги осознаат нејзините топли ходници. Не само што се откажале од неа, туку ја сметаат за грев што треба најсурово да се казни, каде и да бликне, каде и да затрепери.
Овие млади на власта треба да знаат дека не е социјализмот тој што го посеа семето на злото по Македонија. Злото го посејаа алчни и неписмени, грабливи и агресивни, фрустрирани и недоучени луѓе. Социјализмот, ваков-таков, беше воспоставил барем некакви брани против тие зла. Кога паднаа столбовите на тој систем, во масовното „ослободување“, се ослободи и семето на злото, па сега ќе го најдеме по долините на реките, по полињата и планините, по кривудавите улички на провинцијата и по трошните штали во селата. Семето на злото се продуцира во барокната престолнина, се распрашува низ каналите на валканата пропагандна машинерија, а се обновува постојано по темните дупки на диктатурата и тиранијата. Младите не знаат дека мирисот што се шири на сите страни не е мирис на успешна држава што ги победила црнилата на социјализмот, туку дека тоа е реа на злото што ќе ја уништи таа држава. Реа од болните мисли на луѓе, а не реа од некој одамна заборавен систем.

Многу пати си го поставив прашањето за генезата на актуелната диктатура. И исто толку пати дојдов до идентичниот заклучок дека теренот бил просто неподносливо податлив за раѓање на тоа зло. Само што нас очите ни’ биле затворени како на слепци, а очекувањата од иднината ни’ биле замаени под влијание на мимикријата на европските и намерите на некои други таканаречени пријатели. Во 2006-та, всушност, се’ наоколу мирисаше на голем пресврт. Огромната невработеност, трагичните последици од етничката војна завиткани во документи испишани со туѓ ракопис, лузните од хроничната нестабилност на земјата во периодот по независноста, кревкоста на уставните решенија за државата и потклекнувањето пред заповедите на светската моќ, сето тоа беше одлика на тој македонски изборен амбиент. Месеци пред изборите, што по кафани, што по медиуми, се плетеа приказните за неминовниот пад на тогашниот премиер. Од некоја невидлива кујна, се ширеше врела пареа како од огнови на вулкан во штотуку почната ерупција, но не паметам дека некој умен навести дека тогашната тага ли, апатија ли, ќе биде заменета со нешто толку ретроградно, какво што е она кое набрзо потоа реално се случи.
Диктатурата, како начин на владеење, беше безочно спроведена буквално уште првиот ден од стапувањето на должност на новата влада. Помнам како на нејзината прва седница, имено, со една единствена одлука беа разрешени стотици и стотици функционери без, при тоа, да се мине низ неопходната формално-правна, законска процедура. Таа незаконска одлука, тој чин без скрупула, тоа невидено самоволие, го прочитав како пресуда на прекиот суд. Како катил-ферман испишан со илјади имиња на осудени без судење, виновници per se, злосторници според мерилата на единствената правда-правдата на власта. Како декрет на апсолутниот господар, издаден против припадниците на непријателската страна. Се сетив во тој момент на зборовите на мојот комшија вмровец, кој на неколку дена пред изборите ми рече: „Ќе видиш сега како се’ ќе биде наше. Најпрвин, некаде околу 50 илјади работни места“. Во тој момент ме обзедоа морници, но не поверував во таков исход. Го сфатив тоа како дел од внатрепартиските предизборни ветувања. Но, се излажав. Пресудата изречена на првиот ден од владеењето на новата власт ми беше сигнал дека ниту комшијата мене ме излажал, ниту него го излажале во штабот. Да не бидам сфатена погрешно, никој не очекуваше дека луѓето што беа опфатени со „пресудата“ од првиот работен ден на владата, или барем најголемиот дел од нив, ќе останат да ги вршат своите функции. Но беше нормално сите промени да се вршат во согласност со законите на државата. Тоа почитување на законот ќе значеше само некоја владина седница плус, малку дискусии по некакви комисии, нешто во Собранието, и ништо повеќе. Но, јуришничкиот, агресивен и нестрплив ѓавол на диктатурата не сакаше да си го губи времето со законите. За тој ѓавол, преземањето на власта значеше право во истиот миг да се анулираат сите останати важечки права, било индивидуални, било институтционални, на патот до трајното владеење со државата. Да потсетам дека за таа своја незаконска одлука, власта инстантно издејствува Врховниот суд да се прогласи за ненадлежен во случај на жалба поднесена од некој од „осудените“. На тој начин, таа ја демонстрираше својата недвојбена намера брзо да завладее и со судската власт, како и со сите други сегменти на системот во годините што доаѓаат.
По таа прва владина седница, на која преку голема врата беше инаугурирано самоволието како метод на управување со државата, се’ натаму беше резултат на нови и нови разноразни декрети. А за да се обезбеди целосна функционалност на декретите како инструмент за апсолутно и беспоговорно спроведување на волјата на власта, беше потребно да се отклони опасноста од евентуално влијание на спротивните мислења во општеството. За таа цел, беше применета, а и до денешен ден со несмален интензитет се применува тактика на масовно/групно хипнотизирање на народот, во комбинација со предозирано ширење на тешка ментална зараза. Тактиката е таргетирана кон величање на секој потез на власта, при истовремено највалкано блатење на опозицијата и омаловажување, дури и вреѓање на слободната мисла и граѓанските права. Многу умешно, дрско и бескрупулозно, опозицијата и најголем дел од граѓанскиот сектор беа етикетирани како виновници за „предавството“ на земјата пред албанскиот, грчкиот и секој друг непријателски фактор. На народот во континуитет му се пласираше приказната дека „државата ја изгубивме од премногу предавничка демократија“ и дека поради тоа „сега е дојдено време за цврста, патриотска рака“. Почнаа делбите на патриоти и предавници, на Македонци и немакедонци, на заслужни и виновници, на преродбеници и комунистички декаденти, на жртви и кодоши, на подобни и неподобни, на чесни и нечесни, верници и неверници. На големо јато од народот му се поттури под носот капка отровен опијат, чие дејство, се чини, сеуште трае и не стивнува. Со декрет беше воведена омразата како храна за змиите што го разделија народот. Омраза која толку нарасна во овие седум години, што ниту некогаш ќе може мирно да стивне, ниту ќе може трајно да се искорени.
Диктатурата ги минува пред наши очи своите развојни фази. Ја искусивме нејзината мегаломанија, нејзиниот епохален невкус, нејзината тешка рака на тиранин, нејзината перверзна самобендисаност, нејзиното хипокритично умилкување на народот, колнењето во нацијата, но и беснеењето со народните пари во име на народот, создавањето дела за незаборав по теркот на најтешките психопатологии и уништувањето на трагите од минатото. Сега како да сме на прагот на можда најопасната фаза - фазата на залезот на моќта, кога, по правило, се засилува паранојата, а со тоа и пресметката со оние на другата страна. Почнува времето на ќотекот, на пендреците, на модринките, на солзите на невините и на потребата од појачано обезбедување на господарите. Дали ова ќе биде и време на крвави пресметки - ќе видиме. Ќе зависи тоа и од таканаречените пријатели.
Отпорот што деновиве е во зародиш треба да се избори против менталната зараза на диктатурата, како што белите крвни зрнца се борат против најтешките телесни инфекции. Отпорот мора точно да ги дијагностицира најдлабоките извори на заразата за потоа да може да примени соодветни средства за спротивставување на болеста. Како кај секоја тешка инфекција, на телото на отпорот ќе му бидат потребни и време, и дополнителни медикаментозни средства. Затоа што моќта на диктатурата е енормна и секоја грешка на отпорот може лесно да биде претворена во пораз. Мислам дека најмоќното оружје во рацете на отпорот е вистината за диктатурата и тиранијата. Таа мора да се објасни, таа дури мора и да се докажува, колку и да е видлива за дел од луѓето. Народот е тој кој треба да ја препознае заблудата, својата прелажаност, своите изгубени илузии. Народот е тој кој самиот треба да ја почувствува потребата за демократија, како потреба за нормален, достоинствен човечки живот. Од кој веќе му се неповратно одземени цели седум години.

Нешто што никој не може да и’ го оспори на актуелната македонска власт е извонредната ефективност на нејзината пропагандна активност, изведувана преку подло, но целисходно организирана монструозна машинерија. На домашен терен, власта успеа целосно да го репозиционира јавното мислење, не само во однос на виталните животни прашања на граѓаните и нивниот однос кон државата, нацијата, економијата и социјалниот живот, туку уште поважно, и во однос на клучните вредности на демократијата. Претежното јавно мислење на македонските граѓани, како што покажуваат резултатите од повремените анкети, е под интензивно влијание на агресивната, нелојална и екстремно манипулативна пропаганда на власта. За механизмите на манипулацијата, инструментите на пропагандното влијание и последиците од менувањето на македонската граѓанска свест, за жал, постојат мал број егзактни истражувања. Карактеристично за земјите со минимум демократска сила, и во Македонија, под притисок на акумулираниот страв или на задушениот интелектуален изблик, не се објавуваат емпириски поткрепени анализи што би ја разоткриле тоталитаризацијата на општеството во сферата на општите, но и на посебните граѓански слободи. Критичките осврти се, најчесто, резултат само на квалификувани опсервации и проценки.
Ефективноста на пропагандата на власта, меѓутоа, се покажа одлична не само дома, туку и во меѓународни рамки. Власта точно ги идентификуваше потребите на глобалниот неолиберален поредок, па преку тнр. реформи, односно преку креирање на законска рамка по вкус на крупниот светски капитал, веќе неколку години по ред си купува прилично силен ранг на разноразни скалила со кои се вреднуваат некои специфични аспекти на македонскиот општествено-економски амбиент. Треба да се има предвид дека тие интернационални рејтинзи вообичаено се доделуваат од страна на агенции или институции чиј интерес е најмногу насочен кон утврдување на корелацијата на карактеристиките на локалниот амбиент со преференциите на глобалниот капитал. Во принцип, ним не им се најзначајни перцепциите, ставовите и реалните искуства на локалното население и бизнис, туку условите за оплодување на крупниот светски капитал преку колонизирање на послабите економии. Нашата власт, обезбедувајќи им неподносливо атрактивни услови за економски операции на големите мултинационални компании, но и шетајќи по светот со пауер поинт презентациите за вечната земја со луѓе кои за странците ќе работат од љубов, а не за пари, успеа да се презентира како мала држава со висок реформски капацитет. Резултатот е дека Македонија, државата со африканско ниво на невработеност, сиромаштија, глад и демократија, на тие меѓународни рејтинг листи ќе ја најдеме некаде на врвот, меѓу најарните.
Еден од рејтинзите со кои владата мафта по светот, но и по прес конференциите во земјата, е оној од извештаите на Светската банка, познати под насловот Doing Business. Овие извештаи ги рангираат земјите според атрактивноста на нивната бизнис клима, што ќе рече - според тоа колку во тие земји парите се рамножуваат по вкусот на меѓународниот капитал. Ако ѕирнеме во извештаите за овој рејтинг, Македонија по 2006 година прераснала во мало економско реформско чудо, Мека и Медина за правење бизнис. Авторите на извештаите, се разбира, не навлегуваат подалбоко во податоците за македонската макроекономска состојба. Тие не се прашуваат зошто, во толку посакуван деловен амбиент, работи целосно неефикасно стопанство, зошто економијата е заснована на увоз, зошто неликвидноста ги убива компаниите и зошто владата е главен работодавач, финансиер и цицка-доилка. Овие извештаи не се занимаваат со структурата на БДП-то, со економските логики на државниот буџет или со условите за стопанисување на малиот бизнис. Социјалната мапа на Македонија ја перцепираат тотално обратно од нас: колку што ние сме понесреќни со сопствената беда, толку тие се посреќни што пронашле толку бедна популација, подготвена да стане нивни економски роб.
Меѓу последните рејтинг-извештаи е оној за степенот на економските слободи на земјите. Овие извештаи уште од средината на 1990-тите години ги објавуваат Фондацијата Херитиџ и Вол Стрит Журналот, два еклатантни експоненти на глобалната неолиберална акција. Според последниот извештај, од вкупно 177 анализирани земји, Македонија се нашла на 43-то место. Извонреден рејтинг, нема што. Но ако ги погледнеме индикаторите според кои земјата го добила овој ранг, и доколку истите тие индикатори би биле оценувани од страна на барем 90% од домашните бизнисмени или слободни истражувачи, сигурна сум дека земјата стрмоглаво би се струполила кон дното на ранг-листата. Еве, имено, на кои индикатори почива извештајот:
- Права и слободи од областа на сопственоста
- Слобода од корупција
- Слобода на бизнисот
- Слобода во областа на трудот
- Монетарна слобода
- Трошења на владата
- Фискална слобода
- Слобода на тргување
- Инвестициска слобода
- Финансиска слобода
Како најрелевантни мислења при подготовката на овие извештаи се земаат пред се’ оние на странските инвеститори во земјата, па оние на крупниот домашен капитал, мислењето на банкарите и остнатите финансиски институции, изјавите на претставници на власта, администрацијата и судството, неколку домашни стручњаци, по некој меѓународен донатор и толку. Најголемиот дел од нив, очекувано, имаат причина или, во најмала рака, интерес земјата да ја прикажуваат порозово од реалното. Па така, според овој последен извештај, сопственичките права во Македонија се добро заштитени; корупцијата е во „дозволени“ граници; бизнис лесно се отвора и затвора; работното законодавство е одлично; компаниите слободно си ги формираат цените, а државата скоро ич не се меша во тоа; владата пристојно управува со буџетот; даночните и останати фискални оптоварувања на компаниите и граѓаните се исклучително ниски; скоро да не постојат бариери за тргување; за инвестицискиот капитал скоро и да не постојат ограничувања, а банките се слободни и независни во управувањето со парите. Така вели извештајот, а владата набргу ќе почне да се чатали со одличниот ранг. И навистина, законската покриеност на овие области во висок степен корелира со рангот. Но каква е реалноста? Колку економските активности се одвиваат во границите на законската подлога? Моето мислење е дека вистината поврзана со секој од овие индикатори треба да се побара зад скриената долга рака на политичката моќ и на нејзината омилена игра - корупцијата. Да провериме преку неколку посвежи или попознати примери дали грешам или не. Сите примери се, навидум, приказни завиткани во чиста законска процедура, но зад секој како да надвиснала темна сенка на нетранспарентност, сомнителна зделка, полтички налог, криминал или финансиска диктатура. Без никакви коментари, само ќе ги наредам.
За заштитеноста на правото на сопственост да го земеме примерот на ТВ Алфа или скопска Топлификација. За слободата од корупција да погледнеме во сајтот на системот за електронски јавни набавки на владата. За слободата на бизнисот да ги анализираме стечајните постапки во земјата. За квалитетот на работното законодавство да ги прашаме независните синдикати. За монетарната слобода и ценовната контрола да се задлабочиме малку во системите за формирање на цените, особено на оние на (полу)монополските компании и работата на Регулаторната комисија за енергетика. За трошењата на владата да се прошетаме низ центарот на Скопје и низ рекламите на владата по телевизиите и печатените медиуми. За фискалната слобода да ги прашаме бизнисмените кои се’ давачки им се на товар, покрај толку рекламираниот низок рамен данок. За слободата на тргување да ги прашаме малите компании кои се откажаа од увоз-извоз уште пред да истече првата година од нивниот бизнис. За инвестициската слобода да го прашаме Фиат Цановски. За слободата и независноста на финансискиот сектор, да ги прашаме банките-купувачи на државни записи и обврзници, или приватните пензиски фондови, итн.
Но, странците сето ова не ги интересира. Власта, преку своите методи на контрола и сеење страв, ги присилува домашните оценувачи да се произнесат што попозитивно кога биваат интервјуирани од странските агенции, а преку пропагандната ламја, ги убедува и самите странци дека тоа што го слушаат - ќе го затекнат и на терен. Како поткрепа, на секој ебен надворешен инвеститор власта му дарува услови за работа како од бајка. И така, кучињата си лаат, а карванот си врви. Селаните од Делчевско ќе слушнат на вести дека Грујо донел уште еден висок рејтинг, без оглед на тоа што за значењето на поимот економска слобода тие никогаш нема да отворат книга. Малиот бизнис ќе се „дрви“ на рекламата за 240.000 евра поддршка што ќе ја добие од владата во 2013; земјоделците ќе се радуваат на ветувањата за ланските субвенции од овогодишниот пендрек-буџет; банките ќе си трпат рекет за сметка на нешто помали, но сигурни ќарови; една шака фирми ќе кркаат телешко, а сите ние ќе се гушиме во смрдежот на бескрајната реклама. Важно е дека економската слобода, по теркот на крупниот капитал, навлегла во ткивото на политичката неолиберална елита и во перфидното мастило на глобалната економска анализа. Целта е постигната. Секој потез на власта што нам, на кои ни’ останал барем минимум разум, ни’ изгледа како смртоносен, всушност ги наполнил џебовите на оние што ја сочинуваат светската привилегирана елита. На која полека и’ се придружи новата македонска, политички компонирана и гоена олигархија. Среќна Нова Година!

Никако од пред очи да ми исчезне сликата на Радмила Шеќеринска. Тоа е слика што веќе сум ја ставила во замислена рамка, а и’ припаѓа на виртуелната колекција на мојот уметнички ѕид, во која влегуваат примероци од типот на „Крик“ на Едвард Мунк или „Герника“ на Пикасо. Остана таа слика на Рада скована во мојата меморија за 24-от ден на декември од оваа разулавена година. Нејзиното лице во грч, устата растегната во очајнички врисок, и телото, од раце на ѕверови во човечки облик - влечено по подот. По подот, покриен со скапиот таписон послан по крвавиот храм на некогашната, каква-таква демократија. Не дека останатите претепани не ги видов. Не дека врисоците на жените не ги слушнав. Не дека на очите свои можев да им поверувам, но ете, мојата секвенцијална меморија одбрала дека Радмила треба да ми излегува пред очи секогаш кога ќе се сетам на тој злослутен ден.
Мозокот е магична машина. Во тие неколку, во френетичност снимени секунди на линчот врз младата жена, не само што заплакав и писнав, туку и десетици мисли како молњи ми пролетаа низ лавиринтите на уморниот кортекс. Прво помислив на нејзиното дете, кое еден ден секако ќе ги види дигиталните записи од најгнасното понижување на својата родена мајка. Потоа помислив на мајката на Рада и, не знам зошто, таа непозната жена ми се појави во видното поле како темна силуета што се струполува кон некаква бездна и никогаш веќе не станува. Па си помислив, поточно - ја осетив, физичката болка на Рада, гледајќи како и’ ги тегнат рамењата, и’ ги бодат слабините и и’ ја шутираат веќе болната нога. Па помислив на тетка ми, која на сличен начин била злоставувана од фашистичките пци во најтешките воени времиња. Се сетив и на големите мигрени на дедо ми, што тој ги беше заработил од ударите на туѓинските бајонети по фронтовите и ратиштата, а со кои во болка живееше до смртта. Ми пролетаа и сеќавањата за мрачните братоубиства по Македонија, за кои сум читала по историските читанки, а сум мислела дека се само тажни приказни за минато што никогаш нема да се повтори.
И сега ми се вртат истите мисли. Си велам, како тоа дете на Рада ќе може да заигра детска игра со детето на некој од мачителите, ако еднаш, што знаеш, заодат во исто школо. Или, како дечињата на тоа дете на Рада ќе можат еден ден да седнат во исто друштво со внуците на џелатите? Нема да можат. Ниту тие деца, ниту децата и внуците на Весна, Соња или Маринела ќе можат било кога да се најдат на иста, расположена и распеана маса со децата и внуците на безочниците. Ги бројам децата на едната и оние на другата страна. Исти се по број, чинам, а тие бројки, и на двете страни, ќе се зголемуваат по некаква прогресија. Едните од нив трајно ќе ја носат болката на лицето на Рада како гадна тетоважа во своите души. Другите, пак, вечно ќе се ситат на таа болка во душите на првите. Горди ќе бидат што таа болка ја нанеле нивните предци, со кои ќе се гордеат и дичат. Едните во јад ќе го запечатат сеќавањето за страшниот ден; другите, пак, ќе плукаат со мерак по нивните солзи, како што тоа сега го прават нивните мајки, татковци, дедовци и баби. И така до недоглед. Верувавме дека дошол крај на недогледот, но тој жилаво се изборил за вечност.
А Македонија мала, тесна, ќе има ли место за сите? Просторот со воздух го зазеле силни, моќни, дебели и страшни. Никој ни да цимне, ни да попушти. Го држат грубо, го стегнале со оков, а за оковот ни клуч има, ни клешта го сече. Затоа, ѕирни пријателе низ првиот прозор до тебе, и погледни со отворени очи. Ќе видиш врвица од деца што тргнале кон спасот, таму некаде каде што можда има малку воздух, да задишат, да здивнат. Деца мои, твои, невини и тажни, кинисале на долг пат. За да најдат арно, да родат свои деца, на кои жално ќе им кажат: „Дојдовме во дамнини од една земја, по име Македонија. Таа земја ја пустеа од надвор, ја пустеа со сите сили, но умре од своите, во страдања од пекол.“
Ситуацијата околу штрајкот на лекарите многу ми заличува на примерите за подлата злоупотреба на несреќите на луѓето од страна на моќните корпорации, само за нивна профитна полза . За ова, во можда највпечатливата книга од новиов милемиум - Доктрината на шокот , пишува исклучителната, инаку моја омилена авторка и активистка, Наоми Клајн . Во книгата, таа го опишува механизмот, преку кој на најбескрупулозен начин, корпорациите вршат капитално колонијализирање на цели нации или нивни делови, користејќи ги моментите кога тие луѓе се соочуваат со големи природни, воени или општествени катастрофи. Под маската на спасители во состојби на тешки економски или друг вид шокови, корпорациите безмилосно се впуштаат во суров лов во матно за, додека луѓето се освестат од шокот, тие самите да можат безбедно да ги стават своите шепи врз патеките на парите. Наоми Клајн пишува и за вештачки предизвикани катастрофи или непогоди, режирани со иста цел: да се заработи бесрамно за сметка на несреќата на луѓето.
Паралелата со актуелната приказна во нашето здравство ми се чини многу на место. Особено откако по неколкунеделното траење на штрајкот на лекарите-специјалисти и неуморната владина медиумска кампања за народот како жртва на неодговорните бели мантили, премиерот ниодкуда се појави со една, навидум невтемелена изјава, дека болните не треба да стравуваат зашто функцијата на јавното терцијарно здравство ќе ја преземат приватните установи. Клик! Од тој момент веќе ништо не е исто во врска со штрајкот. Одеднаш го насетивме мирисот на доктрината на шок што почна да се шири од задкулисното сценарио што го плетат властите и капиталот. По еднодецениска битка за народните пари од Фондот за здравство, сопствениците на приватните клиники го најдоа најслаткиот начин како да се доберат до здравствениот денар. Во моменти кога народот најмногу ќе биде исплашен за својата судбина во болест и мака, ќе ги уфрлиме во игра моќните корпорации, кои од љубов кон населението ќе ја преземат улогата на корисници на фондовските пари. Јавното здравство, тој гнасен комунистички мастодонт, тој свиреп непријател на оваа божја раса, ќе мора да падне. На негово место, како принц на бел коњ, ќе дојава приватниот спасител за да не’ лечи со нашите пари. Народот, кој сега го носат по антипротести и лаења, дур се сврти малку лево-десно, веќе ќе биде роб на некаква понижувачки скроена медицинска услуга што ќе му ја нудат разни Систини и Кристини.
Масакрирањето на јавното здравство што ни’ се случува пред отворени очи и при здрав разум, на овој начин ќе може набрзина да биде окончано. Младиот амбициозен министер, за кого не знам зошто, но сеуште верувам дека не знае што прави, еден ден ќе има многу главоболка. Бидејќи ќе разбере дека наседнал, заслепен од тнр. реформа. На која и’ приоѓа како на нерешлива, но толку возбудлива компјутерска игра што му бара за секое наредно ниво на помош да вика некои други, поискусни играчи. Опчинетоста со која министерот се внел во формулите, балансд скоркардовите и моделите, ми дава за право да мислам дека дечкото е под хипнотичка омама на интелектуално искушение.
Наоми Клајн вели дека победнички активизам е само оној, кој има корен и не користи насилни средства. Ако штрајкот на лекарите навистина има таков корен, претпоставувам во некаква претходно направена, издржана длабинска анализа на терцијарниот сектор во здравството, во взаемната солидарност во фелата, како и во некаков изготвен несоборлив предлог за враќање на достоинството на трудот на специјалистите во јавното здравство, сигурна сум дека може да победи. Манирот во кој се одвива штрајкот - мирните протести, ненавредливата реторика и УПОРНОСТА, се исто така фактори на успех според Клајнова. Единствената слаба страна на лекарите е ограничениот пристап до медиумите. И за тоа постои решение. Средби со граѓани, дебати по локални средини, некоја брошура или лифлет, можат да ја пополнат таа празнина.
И уште нешто. Ако зад целата епика на штрајкот стои и опстои главното, а тоа се искреноста и чесните намери, овој штрајк, и покрај општата недемократска атмосфера, има шанса да се омасови како глас на заборавената и понижена средна класа во земјава.

Бранко Црвенковски мора да се помири со фактот дека тивкото, но несопирливо паѓање на неговиот рејтинг, се должи најмногу, ако не и целосно, на неуспехот на неговите економски реформи од деведесеттите. Десет пати нека ги нема Бучковски и Бузлевски во редовите на СДСМ, во партијата постојано нека се активираат нови и неизвалкани лица, нека се кандидираат еден по еден какви сака локални угледници за градоначалнички места, нека се воведуваат популистички ноти во партиските партитури - сето тоа нема да биде доволно за партијата да и’ се спротивстави на беспоштедната пропаганда на власта против Црвенковски, во која тој е прикажан како единствен виновник за економската пропаст на Македонија. ДПМНЕ и натаму ефикасно игра на таа победничка карта - блатење на економската доктрина на Црвенковски, па со секојдневно потсетување на македонската транзициска трагедија, откинува парче по парче од лидерскиот кредибилитет на водачот на опозицијата.
Нема дилема дека нешто слично еден ден го чека и Груевски. Неговите бесмислени и погубни политики веќе подолго време се под удар на трезвениот дел од нацијата. Проблем е што тоа сеуште не го гледа плебсот, на кого, по правило, секогаш му се потребни извесна временска дистанца и политичка сила, која сето тоа ќе му го објасни на соодветен начин. Како во случајот на Црвенковски, кому на плеќите му се товари и „предавништвото“ за името и територијалната организација на земјата, Груевски ќе мора да се соочи и со последиците од играта со историјата и идентитетот на Македонците. Затоа што сега, пет години подоцна, таа игра не само што придонесе светот да се подбива со нас, туку и направи народот да се подели на два различни македонски подентитети. Ни Црвенковски ни Груевски - типично за суетни претставници на политиката, не се освестија на време од опиеноста поврзана со нивните најважни одлуки за нацијата.
Денес е јасно дека Црвенковски е жртва на сопствената послушност пред неолибералниот економски диктат на ММФ и Светската банка во текот на транзицијата. Овие две институции беа ладнокрвни извршители на идејата на водечкиот селебрити-економист од тоа време, Милтон Фридман, за саморегулирачката моќ на пазарот. Не само кај нас, туку и во целиот свет, Фридман стана економски бог. Затоа е прашање дали Македонија, така мала и така слаба, во тоа време имала некаков друг избор во врска со правецот на реформите. Тоа ќе го покажат историските записи. Но, вистината е дека ММФ и Светската банка прилично лесно ги ставија под свое главните економисти на Црвенковски од средината на деведесеттите. Дел од тие луѓе одлуките за реформите ги спроведуваа под притисок на Владата, но меѓу нив, да не заборавиме, имаше и вистински пазарни фундаменталисти, кои успеаја од своето опкружување да ги елиминираат сите оние кои се обидоа да им се спротивстават на мерките на шок-терапијата. Неолибералниот концепт беше во тренд. Тој како стихија се ширеше по земјите што се ослободија од советскиот, соцреалистички стопански модел, а како успешни стории беа прикажувани економии кои на кус рок постигнале добри резултати, како Унгарија или Ирска, на пример. Никогаш, меѓутоа, не беа анализирани примерите на земјите од Јужна Америка, во кои неолибералниот модел беше тестиран далеку претходно. Треба да се потсетиме дека во тие јужноамерикански држави системот беше воведуван со сила и диктатура, а дека неговата примена резултираше со пролеана крв на илјадници убиени и злоставувани луѓе. Скоро во сите овие земји неолибералниот модел на крај заврши со колапс на економиите, а опоравувањето го донесоа некои нови и независни развојни решенија.
Познато е дека антипод на неолиберализмот, како модел „непријателски“ за народот, е кејнзијанството, кое се заснова на идејата дека улогата на државата треба да биде силна во регулирањето на пазарот и во придвижувањето на развојот. Познато е, исто така, дека македонскиот народ историски најмногу се развил токму во време кога државата имала пресудна улога за подемот на нацијата, во социјализмот. Илјадници пати е повторувано дека несреќата на Црвенковски е што прифати неговата левичарска партија да го фати патот на неолибералната реформа, целосно спротивно на нејзината природна идеологија, а Груевски да го искористи моментумот, па својата десна партија да ја кејнзијанизира и да го зашемети народот. Овие времиња, во кои премиерот вешто игра на божемната програма дека „државата прави за народот“, испадна курентен производ на сиромашниот пазар на политичка понуда на која се изложени нашите граѓани. Груевски, во суштина, никогаш не го напушти неолибералниот модел, туку зулумот на неговите темни краци само кусорочно го маскира со туѓи или незаработени, зајмени пари. Затоа, во очите на народот Црвенковски е човекот кој им земал, а Груевски е оној кој дава. Не е важно што од касата на Груевски наскоро ќе се слуша ехото на испразнетоста. Не е важно ни што нашите деца и внуци ќе пцујат за растрошноста на народњакот кој го искористил Кејнз за своите итри, а промашени цели. Сето тоа уште не се гледа. Но важно е, и се гледа, дека Црвенковски е едно од бројните чеда на Фридман, по кои сега мава и плука целата земјина топка, па со неа и овој неук, беден и вечно лажен народ.