11/11/2012

IQ 140

Министерот призна дека си има мака. Никој не можел да му изработи сложена анализа. Сложена анализа е, на пример, да се утврди кои се факторите што влијаат Ставриќ да не може да биде заќуткан за работењето на лекарите по норма, и покрај сите преземени правни и неправни мерки. Сложено е и да се дојде до решение како на шалтерите по амбулантите и клиниките од јавното здравство да не се создава гужва. Или, како, и покрај финансиската дупка во Фондот за здравство, на народот да му се прикаже дека во здравството ц’вти, дека реформата била успешна, и дека односите помеѓу здравствената понуда и побарувачка се избалансирани.

Стотиците вработени во Министерството излегоа глупи да ги решат овие замки. Не бриљирале, очигледно, ни сите оние грдни странци што ги исподонесоа и мрсно ги плаќаа за да го решат управувањето со здравството. Море правеа анкети за задоволството од здравствената услуга, море обучуваа кадри за здравствен менаџмент, море поставуваа те обични, те економски директори по клиниките, море вработуваа Словенци на најбитните раководни места во ресорот - ништо. Ги прогласија докторите за виновници за колапсот на здравствениот систем и почнаа да маваат по нив со сите оружја. Во примарната заштита, на пример, од лекарите направија административци. Кога одам кај матичниот лекар, тој сега три минути ми посветува мене, а петнаесет минути пополнува податоци во компјутерот. И покрај тоа што лебот им зависи од пациентите, на овие лекари им се превртува во стомакот кога ќе видат колкави редици чекаат пред нивните ординации. Плус, пациентите сега почесто треба да одат по доктори за да дојдат до потребните рецепти. Ај што за, не дај боже, посложени дијагнози, се м’кнеш по неколку нивоа на врати и специјалисти, на крајот уште и ќе завршиш со еден рецепт, за неколку дена, а потоа се’ одново. Така, наводно, ќе заштеделе во Фондот за здравство, ама болните страдаат и плаќаат дупло.

Ќе се запамети изминатиов период и по потезите на Министерството што придонесоа за деградација на квалитетот на јавното за сметка на приватното здравство. Флуктуацијата на најдобри кадри од Клиничкиот центар кон приватните здравствени установи е најболниот пример за тоа. Државата сесрдно му помогна на терцијарниот приватен сектор во здравството брзо и лесно да дојде до најквалитетниот персонал, кој беше граден со години преку различни механизми на државата. Луѓето кои останаа на клиниките, пак, сега ги трпат ударите за дисциплинирање што им ги упатува државата. Но, и покрај сите битки и казнувања, воведени евалуации, мониторинг и казни, министерот не е задоволен.  

Тој, на крајот, реши работите да им ги довери на генијалци. И тоа не обични генијалци, туку генијалци за 50 евра. Тоа, секако, ќе бидат многу млади луѓе. Не верувам дека кон Менса ќе се заакаат бистри старчиња за да бидат тестирани, а и интелигенцијата, знаеме, опаѓа со годините. Значи, ќе се најдат десетина фраерчиња што, кој од зезање, кој од престиж, ќе му се наредат на батево во кабинетот. Си замислувам како ќе изгледаат бреинсторминг сесиите. Нашиов ќе изложи некаков нерешлив проблем, а децава ќе почнат да си вежбаат виуги со мавтање со слободни идеи, зашто тие, нели, размислуваат поинаку. На пример, батево ќе праша: „Имам проблем со дефицитот на Фондот за здравство. Како да го решем?“ Генијалциве, кој од кој понеупатен во финансиски системи, држава или буџет, ќе си прават забава со вадење решенија од џеб, се’ додека батево не се одушеви од некоја, ни чувена, ни виѓена идеја. Таа веднаш ќе му биде пласирана на шефот, кој, дал господ, ужива во улогата на раководител на лабораторија за експерименти, и ние повторно нафркавме. Со тоа што овој пат криви ќе бидат генијалците, а не докторите.

Не сакам да коментирам околу дискриминацијата што министерот ја озваничи со објавувањето на бизарниот оглас за негови советници. За таа работа се погрижија членовите на социјалните мрежи, домашните и странските медиуми. На целава приказна сакам да и’ дадам малку поинаква нота. Имено, министерот или не знае, или не сака да разбере дека управувањето со било каков систем значи прецизно дефинирање на целите на системот и изнаоѓање тактики за реализација на целите. Кога се во прашање државите, тогаш целите (мисијата и визијата) во определена област треба да бидат јасно утврдени преку соодветната законска регулатива. Министерот, веројатно, се соочува со проблем стратешките цели набројани во законите од оваа област адекватно да ги операционализира на ниво на практика. Никако, пустиот, „јако“ поставените цели да ги поткрепи со ефтини решенија, какви што му стојат на располагање. Тој се наоѓа пред предизвикот прилично либералните капиталистички закони од областа на здравството да ги направи применливи во едно длабоко сиромашно општество, без, при тоа, да го погази Уставот и да произведе поголема доза на народно незадоволство. Министерот до сега примени дузина популистички мерки за ставање под контрола на лекарите за, со тоа, да им се додвори на пациентите, но, освен извесното подобрување на состојбите во организациска смисла, останатите ефекти во сферата на здравствената заштита се погибелни. Особено е страшна ситуацијата во делот на правата од областа на здравствената заштита. Ранливите категории од населението најмногу го почувствуваа тоа. Затоа, затворањето на очите пред вистинските проблеми во системот на здравството му донесоа и нови проблеми на министерот.

Министерот е млад, симпатичен, духовит и динамичен. Амбицијата му тече наоколу, каде и да се појави, што е добро. Јас, пак, се наоѓам во години кога, заради животното искуство, да не згрешам ако речам заради паметот, можам да му порачам дека погрешил што за решавање на неговите проблеми побарал генијалци. Треба да побара маѓионичари. Само добри илузионисти како Дејвид Коперфилд може да му помогнат на нашиот сладок министер ем да ја доврши тажната сага за нашето здравство на начинот на којшто почнал, ем народот да гледа и да вика СУПЕР Е!                                

No comments:

Post a Comment