9/09/2012

Идеја, господо!

Ова што сега ни’ го правите, господо, да простите, е асимилација. Асимилација базирана на една застрашувачка идеја, чии харања кој знае како ќе продолжат. Асимилација многу слична на онаа што Грците ја извршиле врз македонското население во Егејска Македонија, или онаква каква што прават и дузина други нескротливи режими врз некои страдни народи. Ако меѓу вас, господари на земјава, има Егејци, многу добро ќе се разбереме за што зборуваме. Методите, навистина, не ви се толку крвави. Вие физички не не’ ликвидирате, но раните што ни’ ги отворате еднакво крварат. Вие, како што и Грците им направија на нашите, прво побаравте да замолчиме. Потоа изградивте систем за да се срамиме, и на крај побаравте да се покаеме. Не’ натеравте по пет пати да се вртиме наоколу за да видиме дали некој не’ наслушнува пред тајно да си проговориме на јазикот што го говориме и си го разбираме. Ние сега тајно се состануваме. Отпадници сме во своја земја, кои тајно си кимнуваат со глава за да не се доведат во ситуација и така тешкиот живот уште повеќе да си го усложнат. Вие не’ пизмите ако се идентификуваме како што се чувствуваме, и на најсурови казни не’ осудувате ако не се покориме. Казната ваша е многу страшна, господо. Зашто ние немаме каде да заминеме, освен ако не сте договориле коридори за наше депортирање, како она во 1948.

Немам ништо против, господо, ако сте решиле да расчистите со комшиите. Сите ние од срце го чекаме денот кога прашањето на нашето национално препознавање ќе се реши, во наша полза. Ништо помалку од вас, господо, не сме навредени и понижени од разните одредници, кратенки и лепенки што ни’ ги закачуваат каде и да се појавиме. Ништо помалку од вас, господо, не не’ измачува прашањето како да се продолжи. Како и сите други народи, и ние одбираме власт, со надеж дека таа ќе се справи со проблемите. Но 
вие, господо, наместо да решавате, создавате проблеми. Заборавате на древната изрека дека не постои народот заради државата, туку државата заради народот. Несвесни за таа мудрост, вие народот го инструментализирате, го ставате во функција на државата. Вие создадовте големи проблеми и сега, без право, сакате да ги менаџирате преку грбот на народот.

Вие, господо, создадовте опасен проблем Македонецот да биде јавно казнуван ако се дрзне себе си да се доживува онака како што го учеле дедовците. Вие, како и Грците, му кроите калапи со нови дефиниции за чувствата, му прпелкате по исконската ДНК и му чепкате по семејните стебла и гробови. Простете, господо, тогаш дајте да признаеме дека ние и вие не сме ист народ. Дозволете ни’ го, затоа, правото да се декларираме како различни. Дајте уште една колона на пописното ливче за да има место за сите, па и за нас. Каква што е рамковна Македонија, можда и ние ќе стасаме до критичниот процент за да се стекнеме со некои важни права, по етничка основа. Право на самоизјаснување, право на улици, школи, автопати, знамиња, управување со дел од државата. И право на вработување, секако. Дури мислам дека ваквото решение би било најсоодветно за сите нас. Ќе ја прошириме мултиетничката карта и ќе го збогатиме културниот плуралитет на земјава. Еве ви ИДЕЈА за реформа, која, ако ја спроведете, и вие како власт многу подолго ќе останете, верувајте. Вие среќни, ние среќни.

Ако тоа го направите, господа, веќе нема да се лутам за спомениците и коњите. Ќе одам да ги посетувам за поблизу да се запознаам со културата на другиот етникум во мојата држава. Ќе доаѓате и вие кај нас на слави, имендени, а вие, пак, ќе не’ каните на вашите свечени антички обреди. Ќе доаѓам со радост зашто антиката отсекогаш ми била интересна, дури и импозантна. Ќе ми биде чест да бидам гостин во вашите храмови, да пијам од црното вино послужено во пехари и да ви наздравам за многу години. 
 Впрочем, и Александар така би сакал да не’ види. На прославите на 8 септември ние, за разлика од некои други кои ве игнорираат, ќе доаѓаме, господа, зашто ние оваа земја ја сакаме. И знамето, господа, многу го сакаме, и химната многу сме ја плачеле. Имаме ние многу добри пејачи, господа, што од душа ќе ги испеат најубавите македонски песни. Дајте ни’ право тоа да ви го покажеме. И верувајте, ние нема да ви правиме проблеми, господа, едноставно зашто не ве мразиме. Ние, просто, само сме многу различни.                  

No comments:

Post a Comment