6/24/2012

Одлета птицата со бели крилја

Мимоза Ристова веќе нема да пишува за „Фокус“! Вест на денот или очекуван крај на една приказна за македонскиот интелектуалец? Уморна од бесполезните обиди да го смени правецот на оптичката оска на носителите на моќта, и по малку загрижена за судбината на своето повеќедетно семејство, професорката-Храброст се збогува со публиката жедна за гласност за, како што вели, својот јавен отпор кон неправдите да го хибернира на неодредено време. До некое друго утре.

На оваа жена и’ верував многу. Со сите особини на женска хороскопска шкорпија - извонредно интелигентна, со прецизни сензори за изворите на мракот, духовита и депресивна истовремено, луцидна и бескомпромисна - ја доживував како своја тајна пријателка. Не, не ја познавам лично. Но таа е од оние ретки луѓе кои не ги сокриваат своите таги, својата лутина, разочарувањето, ниту пукнатиот филм, па ако ви се случи вашата интимна болка лесно да ја идентификувате во нејзината бурна и емотивна реч, таа ви станува толку блиска, толку разбирлива, и толку сродна. Професорката која се разбира во некои чудни ствари, какво што е, на пример, развивањето на едноставни тенкофилмови фотодиоди од аморфен силициум за детектирање на не-знам-си-какви ласерски светлини, го разбра и тоа дека нејзиниот ласер не може да го прободе овој наш македонски, закован микро свет, и дека анти-ласерска заштита е инсталирана на секое ќоше, во секоја дупка
.

Ристова, веројатно, ја разбра вечната мудрост дека борбата со среќни робови, како најголеми непријатели на слободата (Мари фон Ебнер Ешенбах), се добива тешко. Таа ги препозна среќата и вознесот на нашиот прероден народ и одлучи повеќе да не му ја расипува идилата. Реши да се повлече во некој самозатаен свет, да стане мајка-матица, чуварка на мирниот сон на своите деца, и да пишува за физички појави чија важност ние не ја сфаќаме. Ама, длабоко во себе, таа е свесна дека нејзиниот сензор за мрак ќе остане на стенд-бај, и дека, кога и да е, неговата акумулирана снага ќе мора повторно да пламне.

Слободата, таа елегантна белокрилеста птица од нашите мечти, лесно ја пуштивме да одлета во непознат правец. Оставивме да замине без претходно благо да ја помилуваме, без да оставиме малку да не’ зарадува. Таа одлета бешумно, а ние се препуштивме на најбазичните земски нагони за имање, грабање, дрпање - нејзините најголеми душмани. Ги гледам главите - тие сега се длабоко наведнати. Го анализирам поклонувањето - тоа е веќе извежбано до перфекција. Ја гледам толпата - таа е толку среќна и спокојна. Белокрилестата убавица без многу пречки се вивна во висините. Некои ја викаа да остане, да почека, да се скроти. Повеќето и’ мавтаа за збогум.              

3 comments:

  1. Тажно. Под голем притисок била, слушам по чаршија.

    ReplyDelete
  2. This comment has been removed by the author.

    ReplyDelete
  3. Замолчувањето на еден вака моќен глас против тиранијата и сегашната тоталитрана Македонска власт, како што е бескомпромисниот глас на Д-р Мимоза Ристова, е огромна загуба за сите слободољубиви граѓани на Македонија. Да веруваме дека замолкнувањето на оваа одважна и храбра жена ке ни биде патоказ кон тоа што сме, кои сме и што треба да напрвиме за да имаме една граѓанска и слободна Македонија.

    ReplyDelete