5/30/2012

Каде е мојата земја?

Никогаш во животов не сум се чувствувала толку оттуѓено. Како да живеам во непозната земја, како илегален мигрант шверцуван во целосно непозната култура, турнат во логор за бегалци врз кој е надвиснат облак со реа на устоеност. Како странец меѓу луѓе кои говорат јазик толку многу далечен, што никако не можам да го совладам. Што и да направам - ме дочекуваат со нож; што и да предложам - се става под микроскоп и се одбива; што и да прокоментирам - ме сврстуваат во неподобните. Среќавам стари познаници, и на секој мој обид да прозборам за еклатантните облици на распаѓањето околу мене - ме квалификуваат како пречувствителна, слепа или будала. Ми го вртат грбот и си заминуваат, како да се уплашени дека не’ снимаат однекаде, дека само затоа што ги слушнале моите иронични мисли - грубо ќе настрадаат. Како да стравуваат од мене како од анатемисан дисидент. Дури ни со скришна мимика не покажуваат дека барем малку мислат исто. И дека ме разбираат. Си одат и никогаш не се враќаат.

Луѓето со кои порано пиев кафе ги гледам интегрирани во некои нови друштва, за кои прв пат слушам. Еднаш поминував покрај Тренд и ме викнаа да седнам малку, колку да ми ги дознаат котите на движење во последниве година-две. Беа со нивните нови пријатели, наместени во првиот ред, со отмени пијалоци пред себе. Седнав и ги заслушав тие чудни муабети, во кои за црното се тврдеше дека е бело, а за утките дека се триумф. Спомнуваа ангажмани во проекти, за чие спроведување знам дека се недоветни, и за планови за работа со фирми, регистрирани во дејности за кои тие немаат знаење. Се расправаа за разликите во услугите што ги нудат најлуксузните хотели на Халкидики, и за перформансите на новите модели на БМВ. Лесно расфрлање со суми, кочоперење со имот и мафтање со моќ. Луѓето со кои порано пиев кафе и со кои го споделував истиот светоназор, сега се дел од некој далечен свет, во кој јас претставувам изрод. Тие 
послушно им климаат со глава на своите нови пријатели, им нудат верност, гласови и пропаганда, а очекуваат и добиваат добар бакшиш. Користат нов сленг, кој разоткрива малограѓанска свест, а споделена елитистичка аспирација. Каде сте, мои стари кафански пријатели? Кога ја натнавте оваа нова облека и заличивте на феудални кнезови? Станав со време, пред грчењето на мускулите на лицето да ме издаде дека се гушам.

Се прашав тогаш дали тоа што ме гуши е презир, лутина или бес. Одејќи тромо под крошните на јапонските цреши по улицата Максим Горки, ја почувствував повторно таа оттуѓеност, тоа неприпаѓање, тој притисок од новите норми, правила и урнеци. Во излогот на една од продавниците го видов својот одраз. Тоа беше силуета од чија контура се насетуваше згрбавена душа и потиснат грч. Еден ореол од зовриеност како да ја беше урамил таа непозната силуета, која некогаш беше обликувана од светол ум и борбен порив.
 

Друг пат, бев отишла на една конференција во Палас, која беше промовирана под бомбастичен наслов и со ветувачки исход. На говорницата се изредија дузина типуси со функции, титули и звања, а јас едвај препознав двајца од нив. За грандиозни зафати што ќе имаат влијание врз нашето утре, зборуваа доктори на науки чии дистератции наликуваат на годишни извештаи или програми на некое периферно министерство. За алокацијата на државните ресурси, рецитираа функционери помлади од мојата (многу млада) ќерка. За надоаѓачките реформи, надмено презентираа некои изнајмени експерти, непознати во стручната фела, но поддржани од забегани странци седнати во првиот ред. Аплауз по секоја сесија. Аплауз за експериментот што се најавува, а ќе го изведуваат опасно еуфорични деца. Лицемерни честитки до презентерите, небалансирано упикување на функционерите, неодмерена поддршка за плановите оковани со неизвесност. Пак 
станав со време, пред грчењето на мускулите на лицето да ме издаде дека се гушам.

Во својата тивка осаменост, го барам градот што го нема, и улиците на моите изгубени илузии. Во тишината на осамата, се трудам да го најдам мирисот на мојата земја, во која се родив, растев, созреав, плачев на нејзината химна, и ја љубев како што дете љуби мајка. Никако да го пронајдам. Дури и сеќавањето за тој мирис како да бледнеел со секој нов ден, па не сум забележала дека конечно исчезнал. Ме напушти мојата земја и ме остави да битисувам во сенките на оттуѓеноста, во вртлогот на болката што го мешаат некои нови, залудени лица.                 



                

No comments:

Post a Comment