3/25/2012

Ема, Бети и Весна

Ема, Бети и Весна се мои пријателки од детските денови. Во раните деведесетти години беше фатил бран на напуштање на земјава од страна на еден добар дел од мојата генерација. Ема и Бети заминаа со семејствата. Ема во Австралија, Бети во Англија. Весна остана тука. И таа, како и јас, силно се надеваше дека многу, многу скоро, Македонија ќе стане слична на Австралија или Англија. Ема и Бети беа нестрпливи да го чекаат тоа време.

Ема живее во Бризбејн. Работи како главен администратор во едно средно училиште, а два пати неделно држи часови по јога во некој велнес центар. Нејзиниот сопруг е електро инженер и е раководител во фирмата во која се вработи уште кога стигнаа во Австралија.

Бети живее во мало место во близина на Лондон. До минатата година работеше во едно проектантско биро во метрополата. Сега работи од дома за истото биро и има статус на постојан надворешен консултант. Нејзиниот сопруг работи во компанија за брзи поштенски услуги.

Весна е искусен државен чиновник и држи пристојна позиција во нашата јавна администрација. Нема партиска книшка, па никогаш не се искачи во хиерархијата повеќе од советничко место. Но затоа, Весна ги одработува посложените задачи што, инаку, треба да ги завршуваат многубројните партиски намесници, пониски по ранг, но поважни по заслугите за министрите и партиите. 

Овој викенд, Ема е на брегот на Квинсленд, во едно живописно местенце, во кое пред три години купија симпатична куќичка за одмор. Во петокот ми пиша дека ќе одат да ја подготват куќата за зима; кај нив сезоната полека завршува. Во сабота ќе ручаат покрај брегот, а во недела, на пат кон дома, ќе отидат да посетат некој нов рисорт што сега станувал се’ попопуларен.

Овој викенд, Бети и нејзиниот сопруг се на брегот на северот на Франција, некаде близу до границата со Белгија. Англичаните, ми кажува Бети, многу често одат на прошетки до Франција. Се’ повеќе купуваат куќи таму, а како пензионери и се селат. На повеќето од нив сон им е јужна Франција, Прованса, сонцето и лавандата. Бети нема намера да се сели, но ужива во честите ваканции на француската ривиера. Во недела навечер ќе се вратат дома, но веќе идниот месец ќе патуваат во Италија.

Овој викенд, Весна се зафати со неделното чистење на станот. Ги светна прозорците и вратите од бучниот дел на домот, и ги изми терасите од дневната и спалната соба. Во саботата, нејзиниот сопруг купи весник и отиде да пие кафе на „Ленинова“, за да не и’ пречи во работата. Денес, недела, Весна побрза на Буњаковец, се врати разочарана што зеленчукот е се’ поскап, па почна да готви за наредните 4-5 дена. Гравче, вели, ќе имам за два дена, а ќе направам и еден грашок, пак за два дена. Ќе направам и една голема пита, ќе се најде за наутро и навечер.

Во недела навечер, Ема ќе се врати со потенцирано потемнет тен во Бризбејн, благо уморна од работата околу викендичката, но освежена од раноесенското сонце и морскиот воздух. Ќе биде задоволна што домаќинката Ана, која доаѓа два пати во неделата, убаво ја средила и проветрила куќата. Ќе влезе во бањата и долго ќе ужива во туширањето со млака вода.

Во недела навечер, Бети ќе се врати дома во Англија. Ќе провери дали госпоѓата Кош ги подготвила облеките за наредната недела и дали месниот градинар Брајан ги почнал пролетните работи во дворот. Бети, полна со импресии од местата што ги посети во Франција, ќе седне, и со својот ликовен талент, по сеќавање ќе скицира неколку од пејсажите што ја инспирирале или, можеби, ќе ги симне на компјутер фотографиите што ги направила низ француските села. Потоа ќе влезе во бањата и долго ќе ужива во туширањето со млака вода.

Во недела навечер, Весна ќе ги испегла кошулите на нејзиниот сопруг, ќе пушти уште една машина за да ги испере последните завалкани парчиња облека од претходната седмица, ќе направи еден колач од јаболка „за да има дома нешто благо“ (зашто купечкото е прескапо), ќе ги истрие шпоретот, мијалникот и плочките во кујната и ќе појде да ја измие бањата. Додека со жешка вода ги плакне мијалникот и кадата, ќе ја совлада уморот, нозете ќе и’ натежнат, а рацете веќе нема да можат да ја истискаат „магичната“ крпа. Весна прво ќе оди во дневната соба, ќе дремне малку покрај телевизорот, а потоа, со последни сили, ќе влезе во бањата за туширањето со млака вода да и’ ги тргне, по можност и од мислите, грижите за тоа што ќе го донесе утрешниот ден.      


   

No comments:

Post a Comment